Аеродромите во Рим ќе бидат принудени да ја суспендираат примената на новиот дигитален граничен систем на Европската Унија (ЕУ), со цел да се избегне „катастрофа“ за време на пикот во туристичката сезона, предупреди првиот човек на компанијата која управува со римските авиопристаништа „Фјумичино“ и „Чампино“.
„Многу сме загрижени за летото. Се покажа дека постапката е неусогласена со шпицот во сообраќајот со кој ќе се соочиме. Затоа единствен начин е да го отвориме вентилот. Нема шанси да осигураме стопостотна регистрација“, изјави Марко Тронконе, извршен директор на компанијата „Аеропорти ди Рома“, за „Фајненшл тајмс“.
Според него, допуштањето на патниците да го заобиколат биометрискиот систем за влез и излез е единствен начин за спречување сообраќаен хаос во шпицот во летните месеци. На слични проблеми предупредија и други официјалните лица на европските аеродроми, пренесува „Гардијан“.
Новиот систем за контрола на надворешните граници на Унијата предивидува патниците од земји кои не се членки на ЕУ, вклучително и Британците, да дадат отпечаток од прст и да бидат подложени на скенирање при првиот влез во Унијата. Системот за првпат беше воведен во октомври лани, а во целост заживеа во април оваа година по неколку одложувања.
Стефан Шулте, претседател на здружението на европски аеродроми, пак во изјава за „Би-Би-Си“ посочи дека одлука за суспензија на системот треба да донесат поедини влади на земји членки на ЕУ, а не аеродромите. Порача дека „политичарите треба да престанат да се залажуваат дека ЕЕС системот функционира совршено, бидејќи не функционира“.
„Два месеца по воведувањето, системот создава долги редови, пропуштени летови и сè поголема загриженост во целата патничка индустрија“, соопшти Меѓународното здружение за воздушен сообраќај (ИАТА) минатата недела.
