Без пари и вложување во правосудниот систем нема ниту независно ниту ефикасно судство, порачува претседателката Силјановска. Таа на новинарско прашање за Законите за судска и јавнообвинителска служба кои на јавната собраниска расправа беа критикувани од оние.чии плати и кариери се кројат, вели мора да се вложува за да се добие правда.
-Не зборуваме само за платите на судиите и јавните обвинители. Ние зборуваме за многу важна логистичка поддршка во рабптата на судството, па и на Судскиот Совет и на другите институции. Значи, останувам дека во право се сите во судството и во останатите правосудни институции дека без финансиски средства не може да се има независно судство. И не само тоа, туку и ефикасно и ефективно судство, одговори Претседателката Гордана Силјановска Давкова.
А во собраниската комисија за политички систем, поголем дел од опозициските амандмани за законот за судска служба паѓаа без гласовите на владеачкото мнозинство.
-Ве повикувам да гласате. Кој е за. Еден, два, претпоставувам три гласа за има. Кој е против. Нема. Кој е воздржа- нема. Констатирам, амандманот не е прифатен, рече претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата изготви и поднесе над 100 амандмани, кои според нив треба да ги исправат грешките направени во законите со кои и судската и јавнообвинителската служба се ставаат под контрола на извршната власт. Министерот за правда Игор Филков не ги прифаќаше амандманите, а главно образложение беше или финансиски импликации или спротивни се на законот за администрација.
-Поентата на овој член е да се тргне онаа суштинска одредба која беше критикувана односно дека голем дел од вработените во судовите ќе имаат само статус на државни административци кои ќе бидат под директна контрола на извршната власт наместо статус на судски службеници, рече Јована Мојсоска, од Левица, за амандман кој го предложила.
-Амандманот не се прифаќа затоа што амандманот во однос на Законот за административни службеници ќе предизвика колизија на правните норми. Предложената законска одредба е усогласена со Законот за административни службеници и со забелешките и мислењата на дадени од Министерството за јавна администрација, одговори министерот за правда Игор Филков.
Опозицијата го критикуваше Филков за постојаното „амандманот не се прифаќа“, единствена пратеничка од власта која реплицираше беше сопартијката од ЗНАМ, Весна Бендевска со контранапад за пропуштени шанси на СДСМ.
-Зошто шверцерски го внесовте Законот за судска служба го внесовте во процедура, а две години е работен во работна група. Ништо не сте испочитувале, 83 члена сте промениле од она што сте се договориле со судските служби, рече Соња Мираковска, пратеничка од НСДП.
-Колешке, смешни сте ми со вакви амандмани. До пред две години бевте власт. Ама не се сети тогаш, Соња Мираковска да направи ваква реформа. Ова (амандманот) мислите реформа е, реплицираше Весна Бендевска од ЗНАМ.
На крај од вкупно 51 досега поминат амандман, прифатени беа 3 кои се однесуваат на статусот и кариерниот напредок на судските службеници, а утре продолжува расправата.
Миомир Серафиновиќ
