Вести Економија Македонија Топ вести

Димитриеска-Кочоска: Буџетскиот дефицит ќе се зголеми но за прв пат поради капитални инвестиции

Буџетската дупка ќе се продлабочува, но тоа за првпат е резултат на зголемени трошоци за капитални инвестиции, вели министерката за финансии. Има и намалување на приходите од акцизи поради мерките за ограничување на цените на горивата. Од крајот на март до 15 јуни на сила беа намалување на ДДВ и намалување на акцизите за горивата. Ребалансот на буџетот ќе се разгледува на утрешната владина седница.

„Ќе има одредена корекција на буџетскиот дефицит нагоре и за прв пат ќе имаме зголемување на буџетски дефицит како резултат на зголемени потреби за финансирање на капиталните расходи, односно за капиталните инвестиции што мислам дека согласно Законот за буџети ги оправдува состојбите. А, и во исто време имаме и одредени корекции на приходната страна во делот на акцизата поради сите оние мерки коишто ги имавме во изминатиот период. Генерално инфраструктурата е она што има зголемување на капитални расходи за инфраструктура, имаме зголемени капитални расходи во делот на Министерството за животна средина, имаме околу одредени ИПА проекти, имаме зголемување за АА програмата, така што утре во детали ќе информираме која институција колку дополнително средства има за капиталните расходи“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Кога се носеше буџетот за годинава, во декември минатата година од владата најавија дека во 2026 година ќе продолжи намалувањето на буџетскиот дефицит и стабилизирањето на јавниот долг.

Според новата фискална стратегија, наместо првично проектираните 3,8 отсто, домашната економија годинава се очекува да порасне за 3,5 проценти. Инфлацијата, која првично беше проектирана на 2,5 отсто, сега се очекува годинава да биде 4,5 отсто.

Според податоците на Министерството за финансии од крајот на април, за една третина од годината биле потрошени две третини од планираниот буџетскиот дефицит за годинава. Дефицитот сега е проектиран на 39,2 милијарди денари, односно 638 милиони евра или 3,5 отсто од БДП. До крајот на април биле потрошени 415 милиони евра од овие пари, кои се покриваат со задолжувања.

Алатката фискален бројач на Министерството за финансии покажува дека до 19 јуни, се собрани 43,4 отсто од планираните приходи за годинава, но се потрошени 48,5 од планираните расходи. За скоро половина година се реализирани над 44 проценти од планираните капитални расходи.

Срѓан Стојанчев

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Багеи: „Обврска за обврска“ е водечки принцип во преговорите меѓу Иран и САД

Sasko Dimovski

Почина Циги, маскотата на ЈП „Лајка“

Sasko Dimovski

Гвинеја го забрани извозот на суровото злато

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе