Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) денеска обвини за политички притисок врз претседателот на организацијата Трајче Стојчевски, тврдејќи дека неговото прераспределување од Штип во Берово претставува казна поради неговите јавни ставови и политички ангажман.
Пред Управата за јавни приходи, потпретседателката на СДММ, Стефанија Кузмановска, изјави дека станува збор за обид за замолчување на младите кои јавно го критикуваат владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
„Трајче е казнет затоа што не молчи. Криминалната ВМРО и Мицкоски го прераспределија претседателот на СДММ од Штип во Берово, односно повеќе од 100 километри од неговото место на живеење до работното место“, изјави Кузмановска.
Таа оцени дека во време кога младите масовно ја напуштаат државата, наместо политики за нивно задржување, се вршат притисоци врз оние кои јавно ги искажуваат своите ставови.
„Денеска е Трајче, а утре може да биде секој млад човек, секој од нас. Вие не го казнивте Трајче, туку го казнивте правото младите слободно да мислат и слободно да зборуваат“, порача Кузмановска.
Од СДММ велат дека нема да се откажат од јавното изразување на своите ставови и најавија дека ќе продолжат да се спротивставуваат на, како што велат, реваншизмот, притисоците, уцените и казните кон политичките неистомисленици.
„Нема да молчиме, нема да нè исплашите, нема да нè замолчите. Колку повеќе притискате, толку погласно ќе зборуваме“, порачаа од младинската организација на СДСМ.
Засега нема реакција од Управата за јавни приходи или од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на СДММ.
