Поранешниот директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, ќе се брани од слобода откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје прифати гаранција понудена од неговата одбрана и ја укина мерката притвор.
Според соопштението на Судот, за Васев е определена гаранција во износ од 183.981 евра во корист на Република Северна Македонија, обезбедена со ставање под хипотека на недвижен имот. Истовремено, за поранешниот економски директор на Клиниката, Нехат Нухи, е прифатена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така обезбедена со хипотека на недвижен имот.
Одлуката е донесена по позитивно мислење од надлежното Јавно обвинителство, а на двајцата обвинети им се изречени мерки на претпазливост. Тие нема да смеат да го напуштаат подрачјето на Град Скопје, ќе имаат обврска еднаш месечно да се јавуваат во Судот, а привремено им се одземени патните исправи и им е забрането издавање нови документи за преминување на државната граница.
Со оглед дека Обвинителството се откажало од правото на жалба, а понудените хипотеки веќе се впишани во Катастарот на недвижности, решенијата станале правосилни и обвинетите се пуштени од притвор. Со оваа одлука, Васев излегува од притворот каде што помина околу една година.
Васев и Нухи се меѓу обвинетите во случајот „Онкологија“, кој се однесува на работењето на Клиниката за радиотерапија и онкологија во периодот од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие се товарат за злоупотреба на службената положба и проневера во службата поврзани со јавни набавки на онколошка терапија, набавки на лекови без законска основа и фиктивно раздолжување на лекови, со што, според Обвинителството, била предизвикана значителна финансиска штета на буџетот. Судскиот процес за случајот продолжува, а обвинетите во натамошната постапка ќе се бранат од слобода.
