„Ова не беше лесно“ американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан електронски потпишаа почетен договор за завршување на војната. Видеото како американскиот претседател го потпишува документот прв го објави францускиот претседател Макрон на мрежата Х. Трамп тоа не го навести пред новинарите, туку откако слета од Самитот на Г7, рече дека на вечерата очекува многу забава.
- И сега ќе одиме во Версај на вечера со некои од големите европски луѓе. И ќе видиме како тоа ќе излезе. Мислам дека ќе биде многу добро. Претседателот ќе биде таму со Мадам и мислам дека добро ќе се забавуваме, рече синоќа Доналд Трамп, претседател ан САД.
Да, Трамп беше пречекан од домаќините Брижит и Макрон, но пред да биде послужена вечерата на истата маса во Версајската палата тој го потпиша договорот. Не пропушти да го предупреди Иран да се држи до условите на договорот.
Le Président Trump a signé ce soir à Versailles l’accord entre l’Iran et les États-Unis.
Cet accord ouvre la voie à une paix durable et permet la réouverture du détroit d’Ormuz.
C’est un pas important dans la bonne direction pour nos compatriotes… pic.twitter.com/b1XgZrBv0m
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) June 18, 2026
Како дел од меморандумот од 14 точки, двете страни се обврзуваат на понатамошни разговори за да постигнат конечен договор во текот на следните 60 дена. Потврдено е повторно отворање на Ормутскиот теснец, план од 300 милијарди долари за „реконструкција“ на Иран и прекинување на „сите видови санкции“ од страна на САД врз Иран.
Иранската државна телевизија изутринава емитуваше фотографии од претседателот Масуд Пезешкијан како потпишува првичниот договор за завршување на војната со САД. Во договорот се бара од Техеран да ги разреди своите залихи од високо збогатен ураниум и да се откаже од санкциите поддржани од САД врз земјата. А на Иран му е дозволено слободно да ја продава својата нафта.
Портпаролот на иранското министерството за надворешни работи, рече дека и покрај официјалната најава на крај заклучиле дека е подобра идеја текстот да биде потпишан од претседателите на двете земји без физички да присуствуваат на одредено место.
- „Имаме многу причини да го направиме ова, една од нив е кога текстот е потпишан од највисоките функционери на двете земји, неговото прекршување треба да чини многу. Врз основа на минатото искуство, претпочитавме да се прави на овој начин. Исто така, мислам дека одржувањето церемонија не е многу соодветно,“ рече Есмаил Багаеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи
Пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, задоволен вели- ова ќе му даде на Иран непосредна корист.
- „Дозволете ми да кажам дека навистина го поздравувам договорот. Мислам дека претседателот Трамп постигна добар договор. Тој е важен затоа што она што го прави овој договор е деградирање на нуклеарниот капацитет. Ова е она што САД го направија преку ова во основа од крајот на февруари, осигурувајќи се дека нуклеарниот капацитет е деградиран во Иран. Истото важи и кога станува збор за капацитетот на балистичките ракети, кој претставува закана не само за Блискиот Исток, туку и за Европа и другите делови од светот, но и за враќање на слободата на навигација,“ изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Првичните разговори меѓу САД и Иран, по индиректното електронско потпишување на Меморандумот за разбирање за прекин на војната, се закажани за утре во планинското одморалиште Биргеншток во Швајцарија, објави денес швајцарската влада. Првичниот договор за завршување на војната стапува „веднаш на сила“ откако лидерите од двете земји го потпишаа, изјави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој помогна во посредувањето на договорот. Утрово цените на нафтата продолжија да паѓаат а индексите на азиските берзи растат, додека се очекува отворање на клучниот бродски пат низ Ормускиот теснец.
Билјана Ставрова
Утре во Швајцарија започнуваат разговорите меѓу САД и Иран со медијаторите Пакистан и Катар
