Ученици од прва година во гимназијата „Орце Николов“ за време на средношколска екскурзија во Грција биле оставени со часови да чекаат за да им се поправат автобусите со кои биле превезувани.
„Првиот инцидент се случил на патот кон Солун, кога еден автобус останал во дефект во Грција. Наместо да биде повикан друг автобус, децата беа оставени шест часа на улица, чекајќи да се поправи расипаниот автобус“, вели за Телма родител на дете кое било на екскурзијата.
Истата ситуација се повторила и на враќање од патувањето, кога се расипал друг автобус, а малолетните ученици повторно морале да чекаат.
Поради честите дефекти на автобусите за време на патувањето, родител загрижен за безбедноста на децата го пријавил случајот во полиција, по што полициски службеници од СВР Велес го запреле автобусот на наплатната станица „Отовица“ на автопатот Велес – Скопје, го отстраниле од сообраќај и го испратиле на вонреден технички преглед, а децата со друг автобус се вратени во Скопје.
„По претходна пријава во СВР Велес од страна на граѓанин чие малолетно дете било во автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје, кој се враќал од екскурзија, дека автобусот неколку пати останувал дефект по пат, на 08.05.2026 во 22:50 часот, на наплатна станица „Отовица“, на автопатот Велес – Скопје, од страна на полициски службеници од СВР Велес, бил сопрен автобус „Сетра“ со скопски регистарски ознаки управуван од А.Ѓ. (43) од Скопје“, известија од полиција.
Автобусот е одземен и пренесен во станица за технички преглед за проверка на техничка исправност, а децата со друг автобус се безбедно пренесени до крајната дестинација.
По целосно комплетирање на случајот и по завршување на вонредниот технички преглед ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Родителот се жали дека целото патување било лошо организирано и вели дека ќе побараат од надлежните да се направи вонреден инспекциски надзор на целата постапка за спроведување на екскурзијата во Солун и да се утврди одговорност за низата пропусти. Исто така ќе побараат санкции за туристичката агенција која не го исполнила договореното, бидејќи децата биле сместувани во различни хотели, со лоша храна и без туристички водич.
„Кога учениците реагирале и се побуниле, им било кажано да не се жалат кај родителите за сместувањето и храната“, вели родителот.
Тој најавува дека родителите ќе побараат и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, како надлежен, да го испита целиот случај.
Екскурзијата на средношколците траела три дена со две ноќевања.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
