Вести Економија Најважни

Првомајски протест: Не само поголеми плати, работниците бараат и поголема почит

„За плата се бориме, не се молиме“ гласи мотото на овогодинешниот протест во организација на Сојузот на синдикати на Македонија. Не само поголеми плати, туку бараат и поголема почит за работниците и нивните права, како и поголема заштита на работното место.

  • „За жал, денеска дојдовме да им кажеме дека по нивните податоци, по податоците на Управата за јавни приходи пола народ работнички во Македонија живее со плата под 600 евра. Денеска дојдовме да им кажеме дека една третина од вкупниот работнички народ во Македонија живее под прагот на сиромаштијата. Денеска дојдовме да им кажеме дека тоа што го прават не е доволно“, рече Слободан Трендафилов, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија.
  • „Не знам со што им бодеме очи во тие колективни договори во кои и тие се потписници. Не знам зошто сакаат да биде македонскиот работник најсиромашен во Европа и во светот. Дали треба да дозволиме и оваа година статистика од 31 работник, кој не се врати дома при семејството? Сакам да ставиме крај на сите лоши политики“, рече Иван Пешевски, потпретседател на Сојуз на синдикати на Македонија.
  • „Стоиме цврсто на нашите барања, а тоа е почитување на колективните договори, почитување на пресметката за плата согласно коефициентот помножен со минималната плата. Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование, бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита“, рече Томислав Гиевски, претседател на Независен синдикат за образование и наука.

Тие што денеска излегоа на протест повикаа на единство меѓу работниците за погласна и сеприсутна борба за нивните правата.

  • „Работниците треба да се борат за себе. Работниците треба да сфатат дека само заеднички можат да постигнат нешто. Разединети се. Можат да бидат заедно, можат да работат заедно, да станат свесни за сето тоа, ама постојат многу препреки, постојат многу опструкции“, вели еден од граѓаните кои излегоа денеска на протестот.
  • „Треба да е полно овдека. Немаме права, немаме услови за живот, немаме работа. А, кога немаме работа нè принудуваат да работиме за минимални средства што не можеме да преживееме, вели друг демонстрант.
  • „Сите работници, едноставно обединете се и борете се за зачувување на своите работнички права“, вели една од синдикалките.

Маршот започна од пред синдикалната зграда. Попатно синдикалците упатија пораки од пред Собранието и пред Стопанската комора, а протестот заврши пред Владата.

За премиерот ова е традиционален првомајски протест, нешто што всушност и треба да го прават синдикатите. Право на секој граѓанин е да протестира и да се бори за поголеми права, а ние го почитуваме тоа, рече Мицкоски.

Порака упати и претседателката на државата: „Како претседателка на сите граѓани, потсетувам дека имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат“, напиша Сиљановска-Давкова.

Спикерот на собранието, Гаши, порача дека работничките права, достоинствената работа, социјалната правда и еднаквите можности не се само вредности што треба да ги чествуваме, туку и обврски кон кои постојано треба да се стремиме.

Борејќи се за минималец од 600 евра и за почитување на правата коишто веќе се стекнати со колективниот договор, само годинава ССМ организираше 5 протести и 3 пати ја блокираше работата на институциите, а без успех завршија и преговорите во рамки на економско-социјалниот совет, кога Владата, работодавачите и синдикатите не се договорија за вонредно покачување на минималната плата.

Мирјана Јовеска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обединетите Нации со повик за помош на погодените во Венецуела

Дејан Дејан

Ќе возвратиме жестоко на американскиот напад – иранската револуционерна гарда се закани со брз и решителен одговор

Дејан Дејан

САД го нападнаа Иран како одговор на нападот врз комерцијален товарен брод

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе