Најславниот анонимен уличен уметник во светот Бенкси потврди дека големата статуа што се појави во центарот на Лондон е негово дело.
Скулптурата, која го носи неговиот потпис, прикажува човек во одело како исчекорува напред од постамент, додека во десната рака носи знаме кое му го покрива лицето.
Во овој замрзнат момент од времето, човекот заслепен заради знамето, со десната нога стои на постаментот, но со левата нога исчекорува во празно и моменти го делат од неизбежниот пад.
Бенкси е познат како уметник со изразен активизам, секогаш критички настроен кон војните и милитаризмот, национализмот и државниот апарат за присила како полицијата и војската. Често го исмејува и современиот човек во капиталистичкото потрошувачко општество и неговата опседнатост со брендовите.
Бенкси е секогаш на страна на оние чиј глас никој не го слуша, како сиромашните, мигрантите, припадниците на маргинализираните групи. и важи за остар критичар на империјализмот
Локацијата на која е поставено најновото дело на најдобро познатиот анонимен уличен уметник на планетата, Ватерло Плејс, Сент Џејмс, е дел од главниот град на Обединетото Кралство, каде се прославува империјализмот и воената доминација на Британија во 19-тиот век.
Toa што е навистина неверојатно е како успел Бенкси да ја постави статуата во центарот на Лондон, без да биде забележан или спречен во својата намера од полицијата.
Скулптурата е во близина на статуите на Едвард VII, Флоренс Најтингејл и споменикот на Кримската војна.
Статуата била поставена во раните утрински часови во средата, по што Бенкси денеска објави видео од неа на својот Инстаграм профил.
Ова не е првпат Бенкси, кој иако е најдобро познатиот уличен уметник во светот, досега успеа да го заштити својот вистински идентитет, да постави статуа во Лондон.
Во 2004-тата година, статуата „The Drinker“, субверзивна верзија на „The Thinker“ од Роден, беше поставена на Авенијата Шафтсбери, пред да биде украдена набргу потоа.
Н.И






