Kазна доживотен затвор доби 74-годишниот штипјанец Денис Асанов, кој лани ја убил 79-годишната Борјанка Николова од Штип, по што го расчленил нејзиното тело. Дел од нејзиниот труп беше пронајден во дворот од неговата куќа, а останатите делови од телото не беа пронајдени. Полицијата неколку дена трагаше и на депонијата „Трештена скала“ во Штип.
Судијката Јулијана Недкова денеска во Основниот суд во Штип го огласи за виновен Асанов и истакна дека убиството го извршил со умисла.
„Со тврд предмет ѝ задал неколку удари во предлот на градниот кош од кои дошло до сериско скршување на осум ребра од двете страни кај оштетената“, рече Јулијана Недкова, судијка во Основниот суд Штип.
Асанов лани пред истражните органи првично признал вина, но подоцна пред судот ја смени изјавата, тврдејќи дека телото го пронашол во куќата.
Во рок од една година судиите во штипскиот Основен суд имаат изречено три казни доживотен затвор за сторен фемицид – првата е за Фадил Зејнелов кој на свиреп начин ја уби 29-годишната Емилија Пешева, втората е за Стојанче Зарков кој со нож ја уби својата мајка и трета е за Денис Асанов кој лани ја уби Борјанка Николова.
Викторија Јованова
