Прекумерните барања на Соединетите американски држави се главната причина која довела до неуспех на мировните преговори во Исламабад, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, по слетувањето во Санкт Петербург на почетокот на својата посета на Русија.
Ова е одлична можност да се консултираме и координираме со нашите руски сојузници за последните настани поврзани со војната и актуелната ситуација оцени шефот на иранската дипломатија, кој пред Русија, престојуваше и во посета и на Исламабад и главниот град на Оман, Мускат.
„Сепак, имаше развој во разговорите. Пристапите на САД доведоа до тоа последната рунда разговори да не даде резултати, и покрај напредокот што беше постигнат. Нивните прекумерни барања и погрешните пристапи што ги усвоија. Беше неопходно да се направи преглед на најновата состојба со нашите пријатели во Пакистан и, фала му на Алах, тоа беше многу добра посета. Го разгледавме сето она што се случи досега и под кои услови разговорите можат да продолжат“ – изјави министер за надворешни работи на Иран.
Очекуваната нова рунда преговори меѓу САД и Иран, во текот на викендот не се одржа, откако претседателот Доналд Трамп ја откажа планираната посета на американските претставници на Пакистан. Според објавата на Трамп на Truth Social, премногу време се трошело на патување, додека иранците воделе и голема внатрешна борба и постоела наводно голема збрка за тоа кој е вистински лидер на Иран.
„Сите адути се во наши раце, тие немаат ниту еден. Ако сакаат да разговараат, сѐ што треба да направат е да ни се јават“ – напиша Трамп.
Американскиот претседател се обидува да звучи самоуверено, но цената на еден барел сурова нафта на берзите останува над 100 долари, додека во споредба со периодот од пред една година, цената на горивата и во САД е повисока за 30 проценти.
Најкритична е состојбата во Ормускиот теснец. Околу 20.000 морнари на стотици бродови, танкери за нафта и гас, товарни бродови, но и друг вид бродови останале заглавени во Персискиот Залив, без можност да го преминат Ормускиот теснец.
Според поморската аналитичка компанија Lloyd’s List Intelligence, во периодот од 13-ти до 19-ти април низ теснецот поминале околу 80 бродови, во споредба со приближно 130 или повеќе кои поминувале во текот на еден ден пред војната.
Десетици бродови бea и нападнати од почетокот на конфликтот, а Обединетите нации велат дека најмалку 10 морнари ги загубиле животите.
Никола Илиевски
