Вселенското летало од мисијата „Артемис 2“ успешно полета и моментално орбитира околу Земјата, означувајќи важен чекор во враќањето на луѓето на Месечината.
Лансирањето беше спектакуларно, со силен потисок што можеше да се почувствува и на самото место, додека екипажот во леталото „Орион спејскрафт“ испрати први снимки од вселената.
Во наредните 24 часа, астронаутите ќе спроведат серија технички проверки за да се утврди дали системите функционираат беспрекорно.
Доколку сè помине според планот, мисијата ќе добие зелено светло да продолжи кон Месечината, каде што екипажот ќе ја обиколи без слетување во текот на 10-дневната експедиција.
Иако лансирањето се соочи со одредени технички предизвици пред полетувањето, мисијата засега се одвива успешно… Според НАСА, екипажот е безбеден, во одлична состојба и расположен.
Ова патување може да ги однесе астронаутите подалеку од Земјата отколку што човек некогаш патувал, што претставува историски момент за вселенските истражувања.
