Европските министри за енергија денеска треба да одржат итен состанок за да разговараат за тоа како да се справат со енерегетската криза. Состанокот е закажан само неколку дена откако шефот за енергетика на ЕУ Ден Јергенсен испратил писмо до националните министри за енергија во кое пишува дека националните влади треба да размислат за „доброволни мерки за заштеда на побарувачката…со посебно внимание на транспортниот сектор“, пишува „Политико“.
Според „Политико“, ова би можело да значи дека владите ќе бараат од граѓаните да возат или да летаат помалку за да заштедат гориво за посуштински цели, како што веќе се случува во некои азиски земји.
Во своето писмо, Јергенсен исто така пишува дека транспортниот сектор на Европа се соочува со растечки трошоци и недостиг на снабдување поради големата зависност на индустријата од Персискиот Залив, од каде ЕУ увезуваше 40 проценти од горивото за авиони и дизел.
Земјите-членки треба да се воздржат од преземање мерки што можат да ја зголемат потрошувачката на гориво и да го ограничат слободниот проток на нафтени производи, пишува Јергенсен и додава дека земјите треба да го земат предвид прекуграничното влијание на националните мерки за да се зачува „кохерентноста на ниво на цела ЕУ“.
