Стојанче Јовановски призна вина за нанесување телесни повреди и загрозување на сигурност, но, не и за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Стојаноска која го загуби животот заедно со нејзината 6 годишна ќерка Катја по пад од балкон од зграда во скопско Тафталиџе. Јовановски се правдаше дека за делата кои ги призна ги направил во афект, бидејќи сопругата го изневерувала со неговиот пријател Мартин Саздов кој бил со нив на кобниот ден.
„Господ ми е сведок никогаш не сум ја навел на самоубиство. Не можам да се смирам. Моето семејство ми го упропасти Мартин Саздов е виновен тој ја наведуваше на самоубиство”, рече Јовановски пред судот.
За тоа Јовановски тврди дека има и докази а пред судот кажа и дека Саздов го натерал да признае вина за сите кривични дела. Судијата Ивица Стефановски не го прифати признанието бидејќи обвинетиот не го дал доброволно.
Изјава
„Јас докрај сметам дека навистина имам голем број на докази кои што ќе бидат изведени во текот на оваа постапка и со сигурност ќе докажам надвор од разумно сомневање дека Стојанче ги сторил кривични дела“, изјави обвинителката Адела Бојчевиќ.
„Во другите држави не е чудно, жртви на континуирано насилство кои што се самоубиле, сторителите, односно нивните интимни партнери или сопрузи да бидат гонети и осудени конкретно за овие кривични дела. Очекуваме во целост да биде прифатено обвинението како оштетени, затоа што самоубиство по семејно насилство се смета за фемицид“, посочи Неда Чаловска, адвокат на семејството на Ивана. Меѓу сведоците на обвинителството е и Саздов.
„Денешната одбрана ја гледам како чиста манипулација во насока да се избегне некоја кривична одговорност. Оставам доказите да зборуваат сами за себе. И мајката на Ивана кажа за односот кој што го имал со жртвите., Јас немам дилема никаква освен што обвинетиот што може да се брани на начин каков што сака во оваа постапка и воопшто не е спорно и ја разбирам нивната позадина“, изјави обвинителката Адела Бојчевиќ.
Пред судот сведочеше и мајката на жртвата Љубица Стојановска која кажа дека кај нејзината ќерка забележувала модрици по рацете и телото, а два пати имала и модро око. Но, Ивана не и признавала дека е физички напаѓана од нејзиниот сопруг. Сведок на тепањето била и нивната ќерка Катја.
„Од Катја дознавав. Ми кажуваше бабо јас ќе ти кажам, ама не и кажувај на мама. Мама знаеше да чучне доле како да се брани со скрстени раце и тато таму да ја шутира и удира“, сведочеше Љубица Стојановска, мајка на жртвата.
Во август минатата година Љубица дознала дека ќерка и била физички нападната од Стојанче кога Ивана го пријавила во полиција. Имала модрици на рацете и вратот, бидејќи Стојанче ја давел. Утредента Ивана не отишла во полиција да се потпише на изјавата бидејќи се плашела од Стојанче и дека ќе и ја земе ќерката. Љубица потврди и дека Стојанче додека била хоспитализирана Ивана на дигестивната клиника ја бутнал по скали. И мајката на Стојанче, според сведочењето, го пријавила син и дека вршел насилство врз Ивана. И нивна сосетка исто така пријавувала.
„Малата Катја им рекла на соседите викајте полиција татко ми ќе ја убие мајка ми”, додаде Стојановска.
Јовановски ја праша Љубица дали знаела дека нејзината ќерка е во љубовна врска со неговиот пријател на што таа негативно одговори и додаде дека Мартин Саздов ја почитувал Ивана и сакал да и помогне.
Марија Митевска
Дигитална обработка: Т.Д.
„Викајте полиција, ќе ја убие мајка ми“ – малата Катја ги молела соседите за помош
