Откако од опозицијата стигнаа пораки за „распаѓање“ и најави за нови прегрупирања во пратеничките редови, денеска од власта поинаков тон. СДСМ отвори врата за проширување и враќање на старо-нови кадри, лидерот Филипче оцени дека владината коалиција се распаѓа, но власта денеска возврати дека редовите се стабилни. Премиерот Мицкоски тврди дека коалиција не се распаѓа, туку останува на број.
„Понекогаш во поинаква рубрика треба да се коментираат неговите изјави, а не во политичката рубрика. Порано имаше хумор и сатира, можеби таму е вистинското место за тие изјави. Апсолутно не“, рече Христијан Мицкоски.
Лидерот на социјалдемократите, Филипче, претходно кажа дека партијата преговара со други пратеници за приклучување кон пратеничката група на СДСМ, без да спомене имиња, ниту партии. Ги повика и разочараните од ЗНАМ да се вратат назад во матичната партија. Сепак, овие изјави доаѓаат откако пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков, го поддржа предлогот за зголемување на минималната плата, спротивно на останатите пратеници од мнозинството. Тој, исто така, во телевизиско гостување рече дека нема ништо против внесување на бугарската заедница во Уставот. Од неговата партија демантираат дека има иницијатива за прелевање пратеници во други групи.
„Демантираме дека има било каква иницијатива за преминување на пратеници од една во друга пратеничка група. Право е на секој функционер да го искаже своето мислење на одредени теми кои се во рамки на интересите на граѓаните од кои го црпиме мандатот. Партијата не размислува во правец да исклучува или санкционира свои членови, напротив ние го шириме и зголемуваме членството на ЗНАМ. Сепак, сите членови, пратеници и јавни функционери треба да ги почитуваат и да делуваат согласно основните програмски постулати на ЗНАМ кои се темелат на принципите на ИЛИНДЕН и АСНОМ, а кои се и составен дел на Платформата за националните црвени линии за македонско национално единство која ја усвои ЗНАМ“, изјави Никола Мемов, портпарол на Движење ЗНАМ, за Телма ТВ.
Пораките од Владата дека коалицијата е стабилна и принципиелна доаѓаат во пресрет на најавената реконструкција, која според најавите треба да биде комплетирана до јуни.
Петар Догов
