„Уште колку животи треба да згаснат за одговорност? Уште колку трагедии треба да се случат за Панче Тошковски да поднесе оставка?“, порача претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова на денешната прес конференција.
- „Јавноста е во тага, во шок но и бес. Во последната трагедија во Карпош згаснаа животи на мајка и малолетна ќерка. МВР на Панче Тошковски не ги заштити. 12 пријави имало за две години за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана“, истакна Шукова.
Таа праша колку жени пријавуваат семејно насилство, а институциите не реагираат навремено и соодветно.
- „Сериски насилник во Велес одзеде два животи – на младата Росица и на нејзиниот татко. МВР на Тошковски потфрли. Шест месеци се води предистрага дали 11 полицајци постапиле соодветно“, нагласи Шукова.
Пропусти има и во други трагедии кои ја потресоа јавноста.
- „Во Кумановско Старо Нагоричане сериски убиец одзеде пет женски животи. Две години биле игнорирани пријавите на жителите. Повторно потфрлање на МВР. Во трагедијата во Кочани згаснаа 64 жртви. Тошковски ги штитеше неговите началници“, рече Шукова.
Таа нагласи дека министерот се обидува да ја избегне одговорноста.
- „Сè прави за да ја тргне одговорноста од себе. Организира собири со празни приказни дека ќе штити 24/7. Ги повикува институциите, а тој води институција. Сè е пропаганда, никаде нема одговорност“, посочи Шукова.
„Пропагандата нема да ги врати загубените човечки животи“, додаде таа.
Во пресрет на 8 Март, Шукова повика на гласна реакција против насилството и институционалните пропусти.
