Во Министерството за односи меѓу заедниците на 61 процент од вработените или 244 лица им биле исплаќани плати без доказ дека доаѓале на работа и дека биле таму полно работно време, во вкупна висина од 2.683.000 евра, утврдил Државниот завод за ревизија за периодот 2024 година, заедно со ревизија на усогласеност.
Од нив 150 биле вработени според програмата за соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи. Дополнително, Ревизија утврдила и долг на вработените кон институцијата.
- „За побарувањата од вработените во износ од 34.000 евра кои потекнуваат од минати години (2012-2020 година), Министерството не располага со документација за неподмирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ“, стои во извештајот на ДЗР.
Министерството со Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, на 33 здруженија и фондации им исплатила средства во износ од 320.900 евра, но одделението за следење на спроведувањето, од девет работни места, ниту едно не му било пополнето, а комисијата од 18 члена која ги распределувала средствата од програмата, не обезбедила документација за извршеното бодирање на апликациите од страна на секој член на комисијата за 138 поднесени апликации.
Дополнително, дел од апликациите биле доставени само на албански јазик, без превод на македонски.
Докази за трошење на средствата не доставиле 17 здруженија, а до денот на ревизијата 14 ги вратиле средства, со две се води медијација за враќање на парите, а за едно здружение е поведена судска постапка за поврат на средства во износ од 600.000 денари.
Во Министерството за односи меѓу заедниците недостигале и 30 преносни компјутери, а ревизорите утврдиле и нецелосно спроведен попис, при што 28 проценти од вкупните основни средства, со вредност од 25.360 евра, не се пронајдени при годишниот попис.
На списокот на непокриени трошоци во работењето на институцијата е и точење гориво.
- „На име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516.000 денари, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Тоа овозможило да се точи гориво и во приватни возила, но и гориво кое не било предвидено со договорот за набавка. При сервисирање на возилата, пак, менувани се делови кои не биле предвидени во тендерот за сервисирање, а дел од фактурираните цени биле и по неколкукратно повисоки од прифатената понуда.
Министерството непоседувало документација и за покривање на трошоци за реализацијата на договорите за одбележување на Охридски рамковен договор и Денот на албанската азбука, кои вкупно чинеле 156.000 евра.
За нив биле исплатени фактури во износ од над 84.552 евра, но без приложување документација која би го поткрепила тоа.
Ревизорите неправилности утврдиле и при склучување на договорите за обновување на информатичката опрема, набавка на канцелариски материјал, одржување на системот за ладење и греење во Министерството, набавка на средства за хигиена и дезинфекција, но и во услугата за перење на возилата, при што понудувачот не доставил доказ дека располага со перална за возила, а поголем дел од услугите биле користени од приватни возила.
Тамара Грнчароска
Б.С.
