Враќањето на Артан Груби од граница до куќен притвор отвори сериозни дилеми за начинот на кој институциите постапувале во рок од само неколку часа. Новинарот Васко Маглешов во емисијата „Вин-Вин“ на Телма посочи дека во случајот има повеќе нелогичности кои оставаат простор за сомнеж.
Според него, доколку некое лице се наоѓа на меѓународна потерница или на т.н. „црвена листа“, системот на гранична контрола треба автоматски да алармира.
„Би било логично кога сте на некоја црвена листа и сакате да ја поминете границата, а сте потребни на друга држава, системот да ве алармира дека имате проблем, па да ве екстрадираат, па да почне постапка за екстрадиција. Тука тоа не се случи“, истакна Маглешов.
Тој посочи дека иако Косово нема формален договор со Интерпол, постои соработка преку други механизми, што според него дополнително ја прави ситуацијата нејасна.
„Проверував – имало случаи кога лица биле задржувани на граница и биле носени во Македонија. Затоа првиот голем проблем е – како овој осомничен ја поминал границата, како стигнал тука и како во 6 наутро камерата се најде токму таму за да го улови сето тоа“, нагласи Маглешов.
Според него, целиот тек на настаните остава впечаток на координирана и однапред подготвена институционална постапка, наместо на редовна процедура.
T.Д.
