Ова се снимки до кои дојде Телма, а се од камери на една од куќите каде се гледа осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане.
Видеото трае две минути, а на него се појавува крупен маж со подолга јакна и качулка на главата кој се обидува да ја отвори вратата на куќата. Но таа е заклучена. Според изворите на Телма се работи за дом кој се наоѓа близу местото познато како Коински мост, а во куќата живеела сама повозрасна жена.
На нив се гледа и дека се снимани на 23 јануари годинава во еден часот и 54 минути после полноќ.
Токму овие снимки биле пријавени и во полиција, тврдеа жителите на Старо Нагоричане со кои разговаравме викендов.
Сите потенцираа дека полицијата не сакала да ги земе пред вид бидејќи камерите кои биле поставени на приватен објект по закон не биле пријавени, па за тоа не можеле да ги земат како докази.
Според мештаните веќе подолго време кружеле сомнежите за 25-годишникот од селото Драгоманце кој со велосипед го обиколувал регионот, дека е можно да убива и силува жени. Но никој не ги истражувал случаите.
Извори за Телма од истрагата сега тврдат дека се истражуваат пет починати жени кои биле пронајдени мртви во нивните домови, три од годинава и два од лани.
За сите освен за една заедничко е што се жени во години, починале сами дома но и сите биле пронајдени полуголи или голи.
Само една жена која е пронајдена мртва во својот дом пред околу еден месец и закопана, била помлада на околу 35 години.
Токму за неа сега обвинителството бара обдукција откако беше есхумирана.
Случајот за можен сериски убиец се откри по приведувањето на 25-годишникот осомничен за убиство на последната жртва за која обвинителството извести дека утврдило дека не починала од природна туку од насилна смрт.
Била задушена со перници и ќебиња во периодот од крајот на јануари до 10 февруари кога и била пронајдена.
83-годишната Слободанка Арсовска, која живеела три куќи подолу исто така за малку ќе била жртва на истиот човек.
Едвај се спасила викајќи по синот како да е дома, а сега е револтирана дека и покрај тоа што ја известила полицијата, таа ништо не преземала.
Ниту од полицијата, ниту од обвинителството во интерес на истрагата не сакаат да откриваат детали. Но ќе се истражува дали има пропусти.
Според жителите на околните села осомничениот имал потешкотии со говорот и комуникација со околината. Од Центарот за социјални грижи велат дека не бил регистриран како корисник на било какво право. Живеел со мајка и очув во многудетно семејство во селото Малотино кое се наоѓа над Драгоманце каде се пронајдени дел од жртвите.
Билјана Николовска
Б.С.
