Одборот на мирот, формиран на иницијатива на американскиот претседател, Доналд Трамп, го одржа денеска својот прв официјален состанок во Вашингтон, во присуство на повеќе шефови на држави и други високи претставници на над 20 земји, но без претставници на Европската Унија.
Трамп во својот говор навести дека одлука за тоа како ќе постапат Соединетите американски држави во однос на Иран, ќе биде донесена наскоро, во наредните 10 дена.
„Можеби ќе мора да направиме уште еден чекор, или можеби нема да биде тоа потребно. Можеби ќе постигнеме договор“ – изјави Трамп.
Американската војска е подготвена да го нападне Иран уште во текот на овој викенд, потврдија воени извори за CNN, но Трамп сѐ уште не донеле конечна одлука за тоа дали ќе одобри такви операции.
Американскиот претседател соопшти и дека САД ќе донираат 10 милијарди долари за Одборот на мирот, средства кои ќе бидат наменети за разрешување на меѓународните конфликти, што е започне со мисијата за обнова на појасот Газа.
Трамп исто така соопшти дека Казахстан, Азербејџан, Обединетите Арапски Емирати, Мароко, Бахреин, Катар, Саудиска Арабија, Узбекистан и Кувајт донирале повеќе од 7 милијарди долари за обнова на Газа.
Истовремено Трамп потврди и дека Индонезија, Мароко, Албанија, Косово и Казахстан ветиле дека ќе испратат трупи и војници чија задача ќе биде да придонесат за стабилизација на Газа.
„Египет и Јордан исто така ќе обезбедат значителна помош, трупи, обука и поддршка за палестински полициски сили на кои ќе може да им се верува“ – изјави Трамп.
Трамп зборуваше и за Обединетите Нации, организацијата кон која досега исклучително критички се однесуваше. Овој пат навести дека неговиот проект – одбор на мирот „ќе ги надгледува Обединетите Нации и ќе обезбедат дека тие работат на соодветен начин“, што и да значи тоа.
Со ваквиот однос, Трамп не ги намали стравувањата дека неговата цел е овој ткн Одбор за мир да ги замени Обединетите Нации.
Трамп се пофали и дека тој лично е заслужен за подемот и политичкиот успех на одредени странски лидери кои лично ги поддржал, вклучувајќи ја премиерката на Јапонија, Санае Такаичи и Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, подвлекувајќи го значењето и на некои свои други јавно изразени поддршки.
За одбележување е дека меѓу неколкуте шефови на држави и влади и другите високи претставници, присутен беше и првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, човекот кој ги освои симпатиите на Трамп, но и доби жестоки критики од спортската и светската јавност, откако на Трамп му додели наводна мировна награда на ФИФА.
