Македонија е блиску до склучување на договор за тарифите со САД. Земјата веќе има производи кои се извезуваат во САД со пониски тарифи, што покажува дека процесот се движи во добра насока, оценуваат македонските власти.
Преговорите се сложени и доверливи, но очекувањата се дека договорите ќе донесат конкретни бенефити за македонската економија и извозниците.
Македонија е за активна комуникација со Бугарија
Македонија останува посветена на активна комуникација и соработка со Бугарија, како што е примерот со Коридорот 8, но истовремено нема интерес да стане дел од изборната реторика во соседната земја, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој потсети дека процесот за потенцијално изнаоѓање решение со Софија се води во рамките на јасни принципи и дека постои конкретна комуникација и со Европската Унија, со која се дискутира европската перспектива на земјата.
Муцунски нагласи дека Коридорот 8 е доказ дека со соседна Бугарија можеме да соработуваме, но посочи дека сегментите во Албанија треба да се забрзаат, особено во делот на патната, железничката и енергетската инфраструктура. Тој додаде дека секој обид да се внесе Македонија во изборната кампања во Бугарија е против проевропските вредности и потенцира дека владата останува внимателна во комуникацијата за време на изборниот процес.
