Вести Македонија Најважни

Муцунски: Над 60 проценти од кандидатите за амбасадори се професионални дипломати

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пред почетокот на Македонско-словачкиот бизнис форум, рече дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори се професионални дипломати од редот на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ). Тој потврди дека на последната владина седница предложил повеќе имиња, коишто ќе ги потврди по добивањето на агреманите.

„Процесот на именување и пополнување на местата на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва, согласно Законот за надворешни работи, го координирам јас, но целокупниот процес значи координација со претседателката на државата и претседателот на Владата. По остварена таква координација со претседателката на државата и претседателот на Владата, на последната седница на Влада можам да потврдам точно е дека предложив повеќе имиња, како министер за надворешни работи и надворешна трговија, за пополнување на повеќе места на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва“, рече Муцунски.

Тој додаде дека поради фактот што оваа информација е од класифициран карактер не би можел да ги потврди имињата, но по добивање на агреманите и отпочнување на внатрешните процедури во државата, имињата ќе се потврдат и истите да ги одбранат своите тези пред Комисијата за надворешна политика во Собранието.

Владата на седницата во вторникот, како што објавија дел од медиумите, одобрила список од деветмина нови амбасадори и двајца генерални конзули, во Стокхолм, Букурешт, Приштина, Лондон, Хаг, Стразбур, Софија, НАТО и Софија, како и генерални конзули во Солун и во Мелбурн.

За амбасадор во Шведска е предложен Мухарем Јусуфи, кадар од МНРиНТ, додека Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања заминува за амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел.

Поранешниот амбасадор во Украина, Крум Ефремов е предложен за амбасадор во Софија, во Романија е предложен Габриел Атанасов од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а за амбасадор во Приштина е предложена Катерина Тодоровска.

Линда Салиеска Иљазоска од МНРиНТ е предложена за позицијата амбасадорка во Хаг, додека Илина Мангова која доаѓа од невладиниот сектор е предложена за амбасадорка во Лондон. Светлана Гелева е предложена за втор мандат во Советот на Европа во Стразбур. На листата исто така се споменуваат и две имиња за генерални конзули – Томислав Димитровски во Солун и Александар Крстевски во Мелбурн, и двајцата кадри од МНРиНТ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Продолжува потрагата по преживеани од земјотресите во Венецуела

Igor Trajkov

Притвореници спијат на душеци на земја, затвор без вода за пиење, бегства во болницата во Демир Хисар поради недостиг на кадар – извештај на НПМ

Sasko Dimovski

Нов закон за органодарителство – одлуката ќе ја носи самиот граѓанин

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе