Македонското министерство за внатрешни работи стана побогато за еден милион евра во високософистицирана опрема за потребите на Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи во Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
Станува збор за опрема која вклучува роботи за справување со импровизирани направи, неексплодирани минско експлозивни и други убојни средства. Дополнително има и бомбашки одела, телескопски манипулативни раце, детектори на експлозивни средства, како и фибер оптички камери, рендген апарати за откривање на експлозивни средства и специјализирано возило за пренос на опремата. А за припадниците на Единицата дополнително ќе бидат спроведени обуки со цел да можат да ги користат овие направи.
Опремата е донација од Американската амбасада во Македонија преку програмата АТА.
T.Д.




