Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е сè поблиску до одлука за отпочнување на голема војна со Иран, пишува порталот Аксиос врз основа на изјави на неколку неименувани официјални лица.
Иако дел од нив сметаат дека на САД им е потребно повеќе време за воена акција, еден од советниците на Трамп, кој инсиститал на анонимност, изјавил дека „претседателот го губи трпението“.
„На шефот му е доста од се. Некои во неговото опкржување му советуваат да не влегува во војна со Иран, но мислам дека веројатноста за удар во наредните неколку недели е 90 отсто“, рекол неименуван советник на Трамп.
Двајца неименувани израелски официјални лица изјавија за Аксиос дека владата на Бенјамин Нетанјаху, која форсира промена на власта во Техеран, се подготвува за сценарио за почеток на војната во рок од неколку денови.
Аксиос потсетува дека Трамп на почетокот на јануари, во екот на протестите во Иран во кои според извештаите загинаа илјадници луѓе, бил близу до одлука за напад, но погодниот момент поминал, па администрацијата во Вашингтон се насочила на пристап на т.н. два колосека кои се однесуваат на преговори за нуклеарната програма на Иран, паралелно со распоредување на војска на Блискиот исток. Од почетокот на јануари распореди голем број на воени бродови во близина на Иран, вклучително и два носача на авиони, меѓу кои и „Абрахам Линколн“, над 10 други воени бродови, стотина борбени авиони и повеќе системи за противоздушна одбрана.
И „Њујорк тајмс“ минатата недела објави дека екипажот на носачот на авиони „Џералд Форд“ добил наредба, заедно со бродовите кои ги придружуваат, да тргне бна пат од Карибите кон Блискиот исток. Според Аксиос, американските авиони за воен транспорт извршиле над 150 летови кон базите на САД на Блискиот исток, превезувајќи оружје и муниција. Во изминатите 24 часа, кон регионот се упатија уште 50 борбени авиони од типот Ф-35, Ф-22 и Ф16.
