Пораката на реисот Ви ја пренесуваме во целост
Почитувани верници,
Со заоѓањето на сонцето и со настапувањето на ноќта на 19 февруари, го започнуваме постот на благословениот месец Рамазан. Ова е моментот кога умметот влегува во состојба на ибадет, понизност и длабока рефлексија.
Рамазан не е обичен временски период. Тоа е избрано време. Тоа е месец во кој срцата стануваат почувствителни, совеста поостра, а врската со Аллах подлабока. Рамазан доаѓа како повик кон внатрешен мир и кон преуредување на нашиот живот околу она што е суштинско.
Целта на постот е богобојазливоста. Богобојазливоста е постојана свесност за Аллах која го насочува човекот во мислата, зборот и делото. Таа е морална совест која го одржува човекот исправен и кога е сам, и одговорен и кога никој не го гледа.
Рамазан е школа на дисциплина и карактер. Кога се воздржуваме од храна и пијалак – нешта што се дозволени – ја воспитуваме нашата волја и ја зацврстуваме самоконтролата, за да можеме да се воздржиме и од забранетото. Оваа самоконтрола мора да се прошири и надвор од физичкиот аспект. Таа треба да го опфати нашиот јазик, однесување и меѓучовечки односи.
Пратеникот на Аллах ﷺ рекол:
„Кој не се откаже од лагата и постапувањето според неа, Аллах нема потреба од неговата глад и жед.“ (Пренесува Бухари)
Постот има за цел трансформација на карактерот. Не е доволно да пости со стомакот; треба да замолчи и злото во нас. Не е доволно да се оддалечиме од храната; треба да се оддалечиме од раздор, клевета и горделивост.
Рамазан е и месецот на Кур’анот. Овој месец треба да биде сериозно враќање кон Божјиот Збор – не само преку читање, туку и преку размислување и практикување. Кур’анот го обликува умот, го прочистува срцето и го насочува делувањето.
Преку постот учиме благодарност за благодатите што често ги земаме здраво за готово, стануваме почувствителни кон состојбата на оние што се во потреба и ја зајакнуваме меѓусебната одговорност. Дарежливоста, милоста и помошта кон оние што имаат потреба се конкретен израз на верата и на постот.
Посебна порака имам до нашите верници кои живеат и работат надвор од татковината. Вие сте амбасадори на вашата вера и нација, на вашата култура и благородни вредности каде и да живеете. Преку вашето однесување, интегритет и почит кон другите, ја претставувате убавината на Исламот. Затоа ширете мир, добрина и соработка во општествата во кои живеете, зацврстувајќи го соживотот и меѓусебната почит меѓу луѓето со различна припадност.
Почитувани верници,
Да го започнеме овој Рамазан со решителност за вистинска промена. Да го искористиме овој месец за помирување со Аллах преку искрено покајание и за помирување меѓу нас преку простување и разбирање. Искреноста нека биде темел на секое дело, а одговорноста критериум на секоја одлука.
Го молиме Возвишениот Аллах овој Рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и морално издигнување за секој од нас:
– Нашите срца да се ослободат од секој непотребен товар.
– Нашите семејства да се исполнат со мир и разбирање.
– Нашата Заедница да се зацврсти во единство и институционална одговорност.
– Нашата татковина да биде благословена со мир, правда и стабилност.
По повод почетокот на благословениот месец Рамазан, имам чест и задоволство, во име на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија и сите нејзини институции, како и во мое лично име, од срце да им посакам на нашите верници во татковината и во дијаспората благословен Рамазан, лесен и прифатен пост, и месец што ќе остави длабоки траги во нашата душа, карактер и живот, приближувајќи нè повеќе кон Аллах и обединувајќи нè посилно во добрина, правда и одговорност.
Нека ни е за добрина доаѓањето на месецот Рамазан.
Аллах нека ве благослови.
Вес-селаму алејкум ве рахметуллахи ве берекатуху.
Реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи
