Според најновите информации до 08 часот и 30 минути, во Тетовскиот регион нема нови пријави за излевање на реката Вардар кај село Форино, ниту на останатите водотеци.
Во Битолскиот регион, преку бројот 112 е пријавена поплавена куќа на ул. „Буквски Мост“.
Нивото на Црна Река во село Новаци утрово изнесува 310 см, а механизација од ЈП „Македонија пат“ ќе интервенира на патниот правец Сливје–Костинци.
Во Кичевскиот регион нема нови поплавувања, а нивото на реките се намалува.
Евакуирани се 250 лица и истите се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им се обезбедени храна, вода и хигиенски производи, додека екипи на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите во повеќе улици.
Обилните врнежи од дожд што ја зафатија целата територија на Македонија во изминатите денови предизвикаа значителен пораст на речните води, соопшти Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според најновите податоци, речиси сите поголеми водотеци имаат значително повисоко ниво од просекот за февруари, а на некои мерни места порастот е повеќе од четирикратно во однос на вообичаените вредности.
Најсериозна е состојбата со реката Треска кај Македонски Брод, каде нивото достигнало 196 сантиметри, во споредба со февруарскиот просек од 49 сантиметри. Вардар, најголемата македонска река, кај Јегуновце утрово се измерени 220 сантиметри, што е два и пол пати повеќе од нормалното ниво за овој период. Зголемено ниво на Вардар е регистрирано и кај Скопје, Велес и Демир Капија.
Пораст на нивото е забележан и на Црна Река кај Новаци, на Брегалница кај Берово, на Пчиња кај Катлановска Бања, на Сатеска кај Ботун, како и на Црн Дрим кај Ложани.
Најмногу дожд во Пожаране, најстудено на Попова Шапка
Најмногу дожд изминатото деноноќие наврнал во Пожаране, 23 литри на квадратен метар, а најстудено утрово било на Попова Шапка со -3°C, додека најтопло во Гевгелија со 6°C, соопшти УХМР.
Според најавите времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег, со умерен до засилен ветер.
Во Скопје се очекува максимална температура до 8°C, а врнежите ќе бидат повремено пообилни.
Укината забраната за камиони на Стража и Маврово–Дебар
Од осум часот утрово е укината забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар–Кичево преку планинскиот превој Стража, која беше воведена поради врнежи од снег, информира ЈП Македонијапат.
Истовремено, е укината и забраната за тешки товарни возила на патниот крак Маврово–Дебар, што овозможува нормализирање на сообраќајот во регионот.
Возачите на камиони се повикуваат да ја следат актуелната патна сигнализација и временските услови за безбедно движење.
Б.С.
