Антикорупционерката Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Образложението го испратила денеска до Претседателот на Собранието Африм Гаши.
Во него напишала дека жали за административните пропусти и околности кои според неа довеле до неосновани сомнежи во јавноста.
- По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски- Цвета Ристовска – член на ДКСК.
Телма објави неколку стории во кои откри повеќе сомнителни постапки на антикорупционерката Ристовска.
Таков беше случајот уште пред една година кога таа постапуваше за предметот со можната фалсификувана диплома на директорот на АНБ Бојан Христовски.
Не виде ништо спорно во дипломата издадена од универзитетот за туризам и менаџмент истиот за кој Телма откри дека таа е предавач, но и блиска со сопственикот Аце Миленковски.
Неодамна Телма објави и дека една од фирмите на нејзините двајца синови земале вкупно 70 илјади евра за маркетинг кампањи на политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.
Тоа се случило во предизборен период во 2024 година а токму институцијата која ги контролира партиските финансии и кампањи е ДКСК каде таа беше член и потпретседател. Партијата Левица пак објави дека фирмите на синовите не ги пријавила во анкетниот лист. Но, пари од кампања нејзиниот син земал и во време кога таа била ревизорка.
Местото помошник државен ревизор и стоеше во мирување се додека беше на функцијата член на ДКСК.
Нејзината претходничка Татјана Димитровска откако си даде оставка после обвинението за оддавање државна тајна и фалсификување се врати во ревизија. Телма пак пред два дена објави дека токму двете ревизорки Ристовска и Дим се потпишале на извештајот за бонусите на СЈО, извештај кој деновиве активно се користи од страна на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ особено против обвинителката Ленче Ристовска. Таа денеска не сакаше да коментира дали токму овој извештај им беше награда за сработеното на двете компромитирани антикорупционерки и ревизорки, а сега се користи против неа во изборот за државен обвинител.
Инаку актуелниот состав на ДКСК беше избран во февруари 2024 година. До сега двајца членови поднесоа оставки, а за прв пат влезе и во извештајот на Транспаренси како еден од матните настани во корупцијата.
Билјана Николовска
Антикорупционерката Цвета Ристовска си поднесе оставка во ДКСК
Б.С.
