Се забрзува работата на Акцискиот план за правата на малцинствата за тој да може заедно со патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација, како обврски од Преговарачката рамка, да бидат истовремено предадени во Брисел. Во наредниот период ќе бидат разгледани забелешките кои стигнаа на документот, по што ќе се донесе одлука кои од нив ќе влезат во него.
- „Се обидуваме, односно ги правиме напорите, навистина во Акцискиот план да бидат внесени сите забелешки коишто се рационални и коишто можат да придонесат за унапредување на правата на малцинствата“, изјави Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи на Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски на почетокот од јануари изјави дека на верзијата на Акцискиот план која беше испратена до Европската комисија, единствено забелешки добила од Бугарија. Засега не се открива кои се забелешките на Бугарија, но она што неофицијално тогаш се дозна беше дека во таа верзија, која е спорна за Бугарија, не биле вклучени забелешките кои ги дале здруженијата на Бугарите во Македонија.
Во контекст на евроинтеграциите, Димитровски денеска не сакаше да ја толкува изјавата на претседателката Гордана Силјановска Давкова, дека Македонија треба да се апстрахира од измислениот пат кон Брисел и самата да се европеизира. Според него претседателката треба самата да објасни што мислела и во кој контекст ја дала изјавата.
- „Не можам да разберам во каков контекст и што точно изјавила, иако читав медиуми. Се разбира таа ќе треба да објасни што точно мислела. Меѓутоа во секој случај ние остануваме цврсто определени кон евроинтеграциите, нема Македонија друг пат. Значи нашиот европски пат е недвосмислен и безалтернативен“, рече Димитровски.
Претседателката во интервју за МКД.мк, одговарајќи на прашање што конкретно може да се направи околу политизација на прашањето на евроинтеграциите во Западниот Балкан, наспроти исполнувањето на пропишаните услови, вели:
- „Така што ќе направиме нешто што одамна требаше да го направиме – да се апстрахираме од статусот ‘членство’. Да се апстрахираме од измислениот пат кон Брисел и да се фокусираме на суштината – европеизација, да се самоевропеизираме. Не како политичка цел, туку како темелна претпоставка за ЕУ како еден демократски политички систем, суи генерис политички ентитет“, вели Силјановска Давкова.
Инаку минатата недела Институтот за демократија објави истражување на јавното мислење кое покажа зголемување на поддршката на граѓани за членство во ЕУ и тој сега изнесува 71 процент.
Тамара Грнчароска
Б.С.
