Вести Македонија Топ вести

Поделени мислења за Предлог-законот за заштита од пушење

Намалување на последиците од пушењето или од пасивното консумирање тутун и производи од него кај младите, децата, бремените жени и лицата со посебни потреби и редуцирање на товарот врз болничките капацитети, зашто пушењето предизвикува хронични болести, па дури и смрт. Ова се причините за подготвениот Предлог-закон за заштита од пушење, рекоа од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на трибината во организација на „Превентива“ – сојуз за борба против пушењето, алкохолизмот и злоупотребата на дроги.

По спроведените истражувања, од Институтот дошле до фрапантни податоци дека околу 50% од возрасното население во Македонија пуши цигари или некаков вид на тутунски производи, а голем процент од младите се пушачи.

„33 проценти од младите на 16-годишна возраст користат традиционални цигари, 30% ги користат електронските цигари, 20% користат тутунски производи што се загреваат. Така што, овој број е исклучително висок. Ние како држава се наоѓаме некаде на врвот меѓу европските држави. И мора да работиме за да се промени целокупно оваа состојба“, изјави д-р Сања Прошева, истражувачка во ИЈЗ.

Македонија е на 30 место во светот по производство на тутун, а на второ место по произведување ориенталски тутуни, веднаш по Турција. Измените на законот за заштита од пушење најмногу ќе се одразат врз производителите на цигари и кај продавачите на големо и мало на тутунски производи, рекоа од Факултетот за земјоделски науки и храна. Според нив, за разлика од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, во кој сѐ е прецизно дефинирано, во новиот Закон за заштита од пушење, сѐ е изедначено, што е погрешно.

„Во овој Предлог- Закон сѐ се изедначува. И тутун, и тутунски производи и несогорливи и електронски. Сѐ се забранува што не е во ред. Значи, сите тие производи , категоризирани имаат различно дејство  врз здравјето на човекот“, рече проф. д-р Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Примената на законот негативно ќе влијае и врз туристичко-угостителскиот сектор, каде работат 30.000-35.000 работници. Овој сектор од прометот внесува околу 600 милиони долари годишно во македонската економија, кажаа од Сојузот на стопански комари на Македонија (ССКМ). Од таму предлагаат мерки за намалување на негативните ефекти од примената на законот.

„Според нас е потребно да биде донесен во фази, Исто така, неговото имплементирање е во прашање. Бидејќи и во претходните закони се покажаа одредени слабости во капацитетот на институциите кои што треба да го спроведуваат. И сметаме дека е потребно создавање Работна група која што ќе биде задолжена за имплементирање на самиот закон и намалување на негативните ефекти врз македонското стопанство“, изјави Љупчо Јаневски, член на Надзорен одбор на ССКМ.

Законот за заштита од пушење го изготви Министерството за здравство, а треба да стапи на сила од 1 март.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранците тврдат: Нема нови обврски за нуклеарната програма по разговорите со САД

Sasko Dimovski

Со двата гола против Австрија, Меси ја одведе Аргентина во нокаут фазата и стана прв стрелец во историјата на СП

Sasko Dimovski

Владата во Прага го иззема претседателот Павел за самитот на НАТО во Анкара – конфликт меѓу државниот врв на Чешка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе