Ниту потпис, ниту пружена рака за 40 отсто повисока плата во УПОЗ и повисок минималец. Синдикалците утрово ги чекаа претставниците на Владата во зградата на ССМ, но средбата изостана. Неделава ССМ ќе ги прецизира следните чекори и блокадата на Собранието, а во Владата ќе има средба на претставниците на УПОЗ со премиерот Мицкоски.
УПОЗ останува на своите барања, 30 отсто додаток на платата за кој протестираа во февруари и март минатата година, бидејќи вработените во управата и правосудството се со најниски примања во државата администрација. Условот на Владата, поништување на Колективниот договор е одлука која треба да ја донесе ССМ а не УПОЗ.
„Математиката некако не ни се совпаѓа баш точно. Се разговара за 40 отсто покачување на плата, ние бараме 30 отсто додатоци на плата, плус усогласување со минималната плата. Затоа, убаво е да седнеме на маса, да видиме за кога ќе важи, како ќе се потпишува, на кој начин и во кој временски рок, бидејќи март месец доаѓа, минималната плата како што знаете барањето е 600 евра и од тоа барање не се откажуваме. УПОЗ во Колективниот договор не е потписник и тука може да се откаже само ССМ, а не УПОЗ и милам дека од негова страна не е фер да се ставаат вработените од управата и правосудството на кантар за некој да се откаже а друг да добие“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Утре состанок ќе имаат највисоките органи на ССМ на кој ќе се прецизираат насоките за блокада на Собранието и други државни институции. Откажување од Колективниот договор нема да има.
„Во превод, за да бидеме разбрани прецизно математички, ако икс е 12,6 отсто што нѝ следуваше минатата година, зголемување на работничките плати во јавниот сектор и ипсилон 9,2 отсто оваа година колку што пресмета гувернерот колку ќе му се зголеми платата, зед ќе биде повеќе од 21 процент. Ние треба да се откажеме да не ни се зголемат платите на 130.000 работници. Уште позагрижувачки е тоа што преку укинувањето, бараат да нема регрес за годишен одмор во образование, здравство, МВР и низа други институции“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Од Владата му реплицираа на Трендафилов дека Владата не бега од социјален дијалог и дека за тоа доказ е договорената средба со УПОЗ
„Социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток. Социјалниот дијалог се води таму каде што му е местото, во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија“, одговорија од владата.
ССМ минатата недела го одржаа првиот во низа протести, откако со Владата не постигна договор за минималец од 600 евра. Во најава е и генерален штрајк во приватниот и во јавниот сектор. Од 1 јануари, Македонија има најниска минимална плата од сите држави во регионот.
Огнен Чанчаревиќ
