Кредитната агенцијата Стандард и Пурс го задржа кредитниот рејтинг на Македонија на нивото ББ- со стабилни изгледи. Проекциите на агенцијата за економските изгледи на земјава се поскромни од владините.
Стандард и Пурс очекува економскиот раст годинава да биде 3,5 отсто, наспроти владините проекции од 3,8 отсто. Според Агенцијата, инфлацијата годинава ќе се намали на 3,3 проценти, што е повисоко ниво од владините очекувања за намалување на инфлацијата на 2,5 проценти.
Се очекува растот да биде воден од инвестициите во инфраструктурата, и од зголемената приватна потрошувачка, а не од структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста.
„Според наше мислење, миксот на политики останува силно ориентиран кон раст, со ограничени докази за свртување кон структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста во блиска иднина, што укажува дека поддршката на страната на побарувачката и јавните инвестиции ќе останат примарни лостови за одржување на растот“, се наведува во извештајот на Стандард и Пурс.
Очекуваат буџетскиот дефицит да остане околу 3,5 отсто во наредните три години.
Министерството за финансии е задоволно од извештајот.
„Потврдата на рејтингот претставува јасен сигнал за стабилноста на макроекономската политика, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено и континуирано да ги сервисира своите финансиски обврски, како и да обезбеди континуитет во водењето на економските политики, дури и во услови на зголемена глобална економска неизвесност“, соопшти Министерството за финансии.
Во извештајот се наведува дека странските инвестиции достигнаа рекордни нивоа во 2024, но во 2025 значително се намалија. Се очекува само благо опоравување. Се нотира дека закочените евроинтеграции, а со тоа и институционалните реформи ја намалуваат довербата на инвеститорите на среден рок.
„Изгледите ќе зависат од напредокот во подобрувањето на деловното опкружување, стабилизирањето на изгледите за пристапување во ЕУ и одржувањето на довербата на инвеститорите“, се наведува во извештајот.
Агенцијата заклучува дека согласно состојбите, на краток рок, Народната банка ќе продолжи со примена на внимателна монетарна политика, заради задржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
Банкарскиот систем останува стабилен.
Срѓан Стојанчов
