Сè поизвесно е дека градинки, апартмани за странските работници, амбуланти и магацини во технолошките зони во Скопје, Штип и Прилеп ќе нема. Телма дознава дека договорот тежок 29 милиони е пред раскинување, откако ТИРЗ и фирмата изведувач се спогодиле. Од фирмата „Стентон градба“ велат дека самоиницијативно го побарале раскинувањето. Ревизорите во извештај се посомневаа во работата на ТИРЗ и склучувањето на овој договор.
Објекти за потребите на вработените во индустриските зони нема да се градат, но се договараат детали меѓу ТИРЗ и фирмата „Стентон градба“ како ќе се спогодат, дознава Телма. Пред раскинување е договорот меѓу нив за деветте објекти меѓу кои три градинки за вработените, три амбуланти, апартмани и паркинзи во зоните Скопје 1 и 2, како и во Штип и во Прилеп.
Од фирмата „Стентон градба“, која пред две години го доби тендерот вреден 29 милиони евра, велат дека самоиницијативно побарале раскинување на договорот, бидејќи трпат „двојна штета“ од ангажирање на ресурси без почеток на реализација.
„Токму нашата компанија беше таа која побара раскинување на договорот. Ова барање, заведено како „Предлог за спогодбено раскинување“, беше поднесено до ТИРЗ уште на 03.06.2025 година. Ова јасно укажува дека станува збор за наша деловна одлука и принципиелност, донесена пред подолг временски период, бидејќи реализацијата на Договорот од 18.12.2023 година сè уште не беше започната“, соопштија од „Стентон градба“.
Овој договор беше спорен и за државните ревизори кои во извештај нотираа дека нема проценка за вредноста на објектите, нема физибилити студија, нема проектна документација, ниту пак е утврден начинот на плаќање, што е ризик за државните индустриски зони. Исто така ревизорите утврдиле дека аванс од 20 проценти е исплатен веднаш на фирмата. Договорот е потпишан од претходниот директор Јован Деспотовски, за кој веќе има истрага од пред една година, но која не е поврзана со овој тендер.
„Ревизорскиот извештај само што е доставен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје. Оформен е предмет и јавен обвинител ќе преземе дејствија на испитување на наводите, како и нивно евентуално совпаѓање со наодите на Финансиската полиција врз основа на кои беше поведена постапка. За таа постапка е прибавена документација, се вршат испитувања на лица, наредена е финансиска истрага, а ќе се врши и вештачење. За првоосомничениот на сила се мерки на претпазливост“, Основно јавно обвинителство Скопје.
Инаку, според информациите од ТИРЗ, во моментов се договараат деталите за тоа на кој начин ќе биде раскинат договорот, за кој велат дека е правно комплексен. Ниту од Владата, ниту од ТИРЗ засега не откриваат што ќе се случи со исплатените 5 милиони евра кон фирмата и каква ќе биде спогодбата со неа. Само велат дека не се очекува дека правната судбина на предметниот договор ќе предизвика дополнителни трошоци.
Билјана Николовска
Б.С.
