Макс Верстапен дојде до победата на трката за Големата награда на Лас Вегас во Формула 1, а шампионатот стана дополнително интересен откако двата болиди на Мекларен беа дисквалификувани по завршувањето на трката.
Возачот на Ред Бул ја мина целта со речиси 20 секунди предност во однос на Ландо Норис, а зад него низ целта минаа Џорџ Расел и Оскар Пиастри. Сепак, по рутинските технички проверки стјуардите утврдија нерегуларности кај двата болиди на Мекларен. Заштитните плочи под подот на болидите биле истрошени под минималната дозволена дебелина според правилникот, што укажува на потенцијална аеродинамичка предност, па Норис и Пиастри беа дисквалификувани.
По казните, Расел беше промовиран на второто место, а вториот возач на Мерцедес, Кими Антонели, го освои третото место. Шарл Леклер од Ферари е четврти, Карлос Сајнц следува по него, а пласманот во најдобрите десетмина го комплетираат Исак Хаџар, Нико Хулкенберг, Луис Хамилтон и двоецот на Хаас, Естебан Окон и Оливер Берман.
На две трки до крајот од сезоната, во генералниот пласман води Ландо Норис со 390 бодови, додека Оскар Пиастри и актуелниот шампион Макс Верстапен имаат по 24 бодови помалку, со по 366 освоени поени. Британецот може да ја освои титулата веќе на следната трка, но само доколку освои барем два бода повеќе од двајцата конкуренти.
Во последните две трки во игра се вкупно 58 поени, бидејќи следниот викенд во Катар има и спринт трка. Финалето традиционално ќе се вози во Абу Даби на 7 декември.
