Македонската фудбалска репрезентација утре (20:45 часот) во Кардиф против селекцијата на Велс го игра последниот натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година, што ќе се одржи во САД, Мексико и Канада. Нашиот тим ќе се обиде да остане непоразен на тешкото гостување и да го задржи второто место во групата, со што би обезбедил бараж. Интересно е што постои и минимална можност Македонија да биде и прва во групата, но реалните шанси за такво сценарио се научна фантастика.
Примарната цел на Македонија на утрешното гостување кај Велс ќе биде да остане непоразена. Реми или победа во Кардиф ќе ни го обезбедат второто место во групата Ј, што значи бараж за пласман на Светското првенство и место во третиот квалитативен барабан во ждрепката за идните противници. Ако нашиот тим загуби, тогаш ќе финишира на третото место во групата, но ќе игра бараж преку Лигата на нации. Во тој случај Македонија ќе биде рангирана во четвртиот квалитативен барабан во ждрепката за баражот, што значи и потешки противници.
Сепак, постои мала можност нашата репрезентација да биде првопласирана во групата и да обезбеди директен пласман на Светското првенство. За такво сценарио треба да се поклопат неколку, речиси невозможни, резултати. Македонија ќе биде прва во групата Ј ако утре го совлада Велс, а Белгија на домашен терен загуби од Лихтенштајн. Во второто сценарио, ако Белгија ремизира со Лихтенштајн, тогаш на Македонија ѝ треба победа со најмалку седум гола разлика против Велс за да има подобра гол-разлика, бидејќи двете селекции би биле израмнети на врвот со по 16 бодови. Нашиот тим може да биде прв и со победа од шест гола разлика во случај Белгија да одигра нерешено со аутсајдерот, но тогаш ќе се гледаат дополнителни критериуми – бројот на постигнати голови, потоа постигнати голови на гостински терен и на крајот бројот на жолти и црвени картони.
Кога ќе се сумираат резултатите во изминатите две години, нашиот фудбалски тим има фантастичен биланс – најпрво во Лигата на нации, каде забележавме пет победи и едно реми и обезбедивме место во Б-дивизијата, односно втората најсилна конкуренција, а потоа и во квалификациите за Светското првенство, каде до последното коло сме во игра за второто место во групата Ј.
Македонија зад себе има учество само на едно големо натпреварување, Европското првенство 2020, што се одржа една година подоцна поради ковид-пандемијата. Пласман на Светското првенство во 2026 година би бил нова историја и еден од најголемите успеси во македонскиот спорт воопшто.
Фото: Фудбалска федерација на Македонија/Фејсбук
