Македонската фудбалска репрезентација вечерва одигра реми без голови против Летонија во пријателски натпревар на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Селекторот Благоја Милевски реши да им даде шанса на дел од фудбалерите кои досега немаа многу минутажа, а своите минути ги добија и стандардните репрезентативци.
Ова е прв пат во историјата Македонија да не успее да ја победи Летонија, откако на претходните пет меѓусебни дуели имавме исто толку победи. Вечерва тргнавме офанзивно и во првиот дел создадовме неколку добри прилики. Прв се закани Милан Ристовски, а гостите возвратија со контра-шанса на спротивната страна. Следуваа уште три убави можности за нашиот тим – Тихомир Костадинов шутираше со глава, но голманот Матревикс интервенираше сигурно, а потоа чуварот на мрежата на Летонија успешно ги одбрани обидите и на Енис Барди и на Никола Серафимов.
Во второто полувреме Македонија имаше само една посериозна шанса преку Елмин Растодер, додека Летонците ја погодија пречката во 70-тата минута. Јасно беше дека избраниците на Милевски не влегоа со максимален интензитет против дефанзивно ориентираниот противник, со цел да ги зачуваат силите за клучниот натпревар во продолжението на квалификациите.
Во вторник следува најважниот дуел за Македонија во овие мундијалски квалификации – гостувањето кај Велс во Кардиф. Нашиот национален тим таму ќе брка позитивен резултат за да го обезбеди второто место во групата Ј и со тоа пласман во баражот за Светското првенство во 2026 година.
ФОТО: Фудбалска федерација на Македонија/Фејсбук
