Министерот за транспорт и врски Александар Николоски во вечерашната Топ Тема истакна дека проектот за градскиот воз во Скопје е клучен за подобрување на јавниот транспорт и враќање во употреба на запуштената железничка инфраструктура.
„Проектот е преголем и презначаен за Скопје за да биде предмет на дневнополитички манипулации. Затоа промоцијата ја направивме по изборите,“ изјави Николоски, додавајќи дека првата линија веќе се работи и ќе се протега од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Аеродром до Новата железничка станица, во должина од 25 километри“, рече Николоски.
Oд Драчево до Миладиновци e планирано да се изведе товарниот сообраќај надвор од Скопје, а дизел локомотивите да бидат заменети со електрични, што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот. На прашањето за потребата од дополнителни инвестиции, Николоски истакна дека за целосна трансформација на градскиот транспорт се потребни над 200 милиони евра.
„Ако сакаме ова што го гледаме сега да не го гледаме за четири до пет години, мораме да вложиме преку 200 милиони евра. Во однос на БРТ-системот, двете линии не го исклучуваат градскиот воз. Едната почнува во Ѓорче Петров и завршува во Ново Лисиче, се надевам ќе стигне до Драчево, а другата оди север-југ и завршува во центарот на градот“ додаде Николоски.
Министерот најави дека проектите ќе се реализираат во координација со новиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. Најголемиот предизвик е премостувањето на Вардар во Карпош, каде постојната инфраструктура не може да го издржи БРТ-системот, но паралелно ќе се бараат финансиски решенија.
Николоски истакна дека градскиот воз ќе има капацитет за 250 патници, а интеграцијата со ЈСП Скопје ќе овозможи брзи и ефикасни пресврти помеѓу возовите и автобусите. Со ова, времето на патување од Драчево до центарот ќе се намали од денешни час и половина на 11 до 13 минути.
Т.Д.
