Вести Македонија

Обвинение за осомничените полицајци од „Пулс“ во декември

Обвинение за полицајците осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе има на почетокот на декември. Државниот обвинител Коцевски, кој првично најави завршување на истрагата во септември, сега вели дека изминатиот период биле сослушувани сведоци, а јавно-обвинителска одлука најави за почетокот на следниот месец.

Оваа истрага се води во обвинителството за гонење организиран криминал против 26 полициски службеници за „Тешки дела против општата сигурност“ кои беа осомничени во неколку наврати. Во кочанското обвинителство сè уште трае и предистрагата за вработени од УЈП во врска со објавената комуникацијата меѓу синот на газдата на „Пулс“ и инспектори од Управата кои по медиумските истражувања беа суспендирани.

Следната среда во судницата во Идризово треба да почне судењето против 34 обвинети и три правни лица. Обвинителството веќе ја подготвило стратегијата со која во судница ќе го застапуваат обвинението. Обвинителскиот тим е проширен на 15 обвинители.

„Обвинението во судница ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но вчера имавме состанок. Ангажиравме уште неколку обвинители, имајќи предвид да не се наруши работата на другите обвинители што имаат други предмети, што значи дека можеби секогаш нема да присуствуваат сите обвинители, но секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по вина на Обвинителството. Има екипираност, ние сме договорени за начинот на којшто обвинителите ќе го застапуваат предметот“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски. 

Оваа сабота во пресрет на стартот на судењето „Маршот на ангелите“ се сели во Скопје. Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор, освен да постапи онака како што бара народот, порачаа роднините на трагично загинатите.

Пожарот во „Пулс“ е нотиран и во Извештајот на Европската комисија (ЕК) каде стои дека трагедијата открила трајни системски предизвици во однос на спроведување на антикорупциските мерки.

Коцевски се согласува со ЕК,  но не ги коментира најавите на премиерот за мерки против судии и обвинители. Вели тоа се политички изјави. Во извештајот е нотирано дека засилената реторика на политичарите и владините функционери дека претставуваат непримерно влијание или заплашување и ја поткопуваат независноста на судството. Коцевски се осврна за делот за финансиите.

„За да има успех во борбата против криминалот, мора да се создадат услови. Во конкретниов случај во Јавното обвинителство, тоа го истакнувам повеќе пати, работиме со јавно-обвинителска служба од една третина, што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1.126. И минатата 2024 и оваа 2025 и за наредната година, од министерството за финансии не ни се дозволува ниту едно вработување“, додава Коцевски. 

Согласно актуелниот закон, ЈО треба да добива 0,4 % од буџетот, а сега, исто како и минатата година, се предвидени 0,2 отсто.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Црвени предупредувања за екстремна жештина ширум Западна Европа – метеоролозите велат ова ќе потрае

Дејан Дејан

За една година се издале 27 милиони рецепти што е зголемување за 8% – најмногу се трошат лекови за шеќер, желудник и за смирување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе