Од речиси 11 милиони денари собрани преку хуманитарната иницијатива „Супорт Кочани“, околу еден милион денари биле издвоени за државен данок, а преостанатите средства рамномерно распределени меѓу 137 лица погодени од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.
Според податоците објавени од иницијативата, од вкупната сума од 10.944.793 денари, секое лице добило по 71.900 денари. Средствата беа обезбедени преку донации од компании, здруженија и граѓани, како и преку хуманитарни настани во земјата и во дијаспората.
„Супорт Кочани“ беше формирана по трагичниот пожар во клубот „Пулс“ на 16 март, кога загинаа 63 лица, а повеќе од двесте беа повредени. Во тимот се вклучени триесетина волонтери, меѓу кои и преживеани, кои изминатата година обезбедија и компресивна облека за рехабилитација на повредените.
