Во Кочани денеска се одржа Маршот на ангелите, предводен од семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март годинава. Учесниците побараа во рок од една недела да добијат одговор на поднесените докази што, според нив, укажуваат на обиди за влијание врз постапката преку средби меѓу обвинети и оштетени.
Доколку институциите не реагираат, семејствата најавија дека ќе ги интензивираат протестните маршеви. Следниот „Марш на ангелите“ ќе се одржи на 15 ноември во Скопје, неколку дена пред почетокот на судскиот процес. Маршот ќе започне на Плоштад Македонија, ќе продолжи кон Собранието и ќе заврши пред Кривичниот суд.
Првото рочиште за случајот е закажано за 19 ноември во затворот Идризово, каде на обвинителна клупа ќе се најдат 34 лица обвинети за тешки дела против општата сигурност, како и три фирми. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ трагично загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
