Државната блокада на САД влегува во 37. ден, станувајќи најдолгото затворање во историјата на земјата, а последиците се видливи на секој чекор. Милиони Американци кои зависат од социјална помош за храна остануваат без средства, а стотици илјади државни службеници работат без плата.
Ова е прв пат во мојот живот од полнолетство да примам јавна помош, и издржавме речиси колку што можевме. Ги користевме нашите заштеди, семејните, знаете, некои кредитни картички. Всушност, се обидувавме да се снајдеме, вели поранешна вработена во Американскиот институт за мир, Теа Прајс.
Ова не е нешто што ми е драго да го правам. И навистина не сакав, но со оглед на тоа што иднината е прилично непредвидлива и бидејќи останав без неколку плати, решив да дојдам тука и да ја искористам оваа навистина дарежлива можност, истакнува Ерик Џонс, федерален службеник.
Блокадата ги парализира и банките за храна, а нивните претставници велат дека се трошат средства надвор од нивниот годишен буџет. Ако блокадата продолжи, нема да може да се обезбеди ни половина од помошта што е планирана.
Па, ја започнавме годината очекувајќи да обезбедиме околу 50 милиони оброци храна за нашата заедница. И се чини дека ќе мора да го зголемиме тоа за најмалку 20% и да обезбедиме околу 60 милиони оброци во нашата заедница, смета извршниот директор на „Капитал Фуд Банк“, Рада Мутија.
Патувањата низ САД исто така се погодени. Федералната управа за авијација нареди намалување на сообраќајот на 40 најпрометни аеродроми за 10%. Повеќе од 500 летови веќе се откажани, а патниците се принудени да ги менуваат плановите.
Можев да се качам на претходниот лет назад во Оклахома, но од доцнењето, прекинот на летовите, ме натера да се качам на овој авион. Ќе ми треба малку подолго време да се вратам дома бидејќи навистина сакам да се вратам дома кај моите блиски, вели патникот Рандолф Кинг.
Па, би сакала претседателот Трамп или кој било друг орган што е задолжен за нешто, само да каже: „Веќе не го правиме ова“. Мислам, не постои ли начин претседателот едноставно да каже: „Знаете, веќе не го правиме тоа. Ова е моја наредба“, знаете? И можеме да се ослободиме од тоа. Едноставно, изгледа смешно кога е толку очигледно. Тоа е само игра на чекање кој ќе го добие она што го сака, додава патникот Гејл Дејли.
Потпретседателот Џ.Д. Венс предупреди дека „Американскиот народ наскоро ќе ја почувствува вистинската цена на оваа блокада – од доцнења во патувањата до намалена помош за семејствата кои навистина имаат потреба.
Демократите од своја страна нагласуваат дека ќе ја блокираат републиканската иницијатива додека не добијат гаранции за здравствената заштита, која е во центарот на споровите.
Александар Петрески
