Бугарскиот парламент усвои закон што ѝ овозможува на државата да преземе директна контрола врз рафинеријата на руската компанија „Лукоил“ во Бургас – најголемата нафтена рафинерија на Балканот.
Според новите измени, владата ќе може да назначи државен администратор кој ќе управува со компанијата доколку се оцени дека постои ризик по националната или енергетската безбедност на земјата.
Одлуката доаѓа поради новите санкции на САД против „Лукоил“ и нејзините подружници, што предизвика загриженост во Софија за стабилноста на снабдувањето со гориво.
Владата нагласува дека ова не претставува национализација, туку заштитна мерка што ќе се активира само во случај на загрозено работење на компанијата.
Рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ обезбедува најголем дел од горивата на бугарскиот пазар и има важна улога во извозот кон соседните земји.
Со овој потег, Бугарија се приклучува на европските држави што ја засилуваат контролата врз критичната енергетска инфраструктура со цел намалување на зависноста од Русија и зајакнување на енергетската безбедност.
