Додека македонските граѓани не престануваат да наседнуваат на лажна донаторска кампања за дете кое наводно е болно од рак, од МВР молчат за истрагата. Телма го откри измамникот и контактираше со него, а од полицијата за сега велат дека работат на случајот и ќе го истражуваат телефонскиот број преку кој комунициравме со него. Длабинската истрага води кон измамници во Америка, но преку израелски платформи за лажни донации.
Македонското министерство за внатрешни работи ќе го истражува телефонскиот број кој Телма го доби од измамниците кои крадат илјадници евра на приказна за болно дете која е лажна. Преставувајќи се како донатори за лекување на наводно болно дете од тежок вид на рак, Телма контактираше со организаторот на кампањата кој е извесен Аврахам Спира, а телефонскиот број не одведе до американската држава Невада. И покрај денешните обиди и ние како новинари да го добиеме ликот на човекот со кој комуницираме обидите беа безуспешни. Тој преку порака уште еднаш повтори дека само волонтира за собирање помош преку трансакции и донации.
Од МВР велат дека има само четири пријави и дека повеќе детали не можат да откриваат бидејќи случајот е во предистрага.
Пред два дена Телма објави дека интернет сајтот за донации е на американската невладината организација Dawn of child. На централниот регистар на САД стои дека претседател е Аврахам Спира, а членови Јицак Грин, Дарија Волчкова и Олександр Зимин. На наведената адреса во Флорида, има куќа, дел од станбена зона а во неа е регистрирана и невладината SUNSHINE FOR KIDS каде исто така претседател е Аврахам Спира.
Сепак длабинската анализа покажа дека фотографиите и целата кампања се влече од израелска платформа ГЕЕВ.
Македонија не е единствената земја каде што се собираат пари за Даниел. Кампањата се појавила и во Бугарија и таму веќе е објавено дека е измама. Проверката на Телма покажува дека фотографии од за болниот Даниел биле пласирани и во Латвија и Германија и дека идентични страници имало и таму но се блокирани. Во Словенија се уште постои сајтот за собирање, а Телма со дел од донаторите потврди дека се уште е активна. Истите видеа и фотографии се користат за сите земји.
Донациите не се високи, но дневно измамниците собираат и по околу 500 евра па и повеќе.
Во моментов е активна уште една иста кампања преку истата невладина, наводно за болно девојче Марија, но таа за сега не е достапна на македонски јазик и не е забележливо дека има донатори од Македонија. За двете наводно хуманитарни невладини можат да се најдат негативни коментари на интернет од луѓе кои разбрале дека се измамени за други претходни слични акции. И двете невладини имаат многу слични имиња на легитимни хуманитарни здруженија во светот.
Билјана Николовска
