Нема да има зголемување на бројот на министерските функции, тврди премиерот. Ги отфрла шпекулациите дека наместо сегашните шест министри, „Вреди“ ќе добијат седум, откако најавија дека по изборот на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, за градоначалник на Чаир, Беким Сали ќе го замени само во делот прв вицепремиер, а остана нејасно што ќе се случува со министерството за животна средина.
Повтори дека, првин ќе ја реконструира партијата, а потоа владата.
„А зошто да добие? – Тоа не значи дека ќе има ресор повеќе. Тоа си е одлука на нашиот коалиционен партнер. Јас имам високо мислење за Беким Сали, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет. Ние сега сме фокусирани на редовниот конгрес. Тоа ќе опфати и формирање на партиска структура, извршен комитет и други структури. Во меѓувреме ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во Владата доколку има потреба за сето тоа. Подготвен сум да разговарам со сите чинители и да ги слушнам. Мандатар сум јас. Нормално е дека последниот збор ќе го имам јас“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од „Вреди“ вчера изјавија дека за наследник на Меџити на вицепремиерската позиција го предлагаат Беким Сали, но на прашањето дали ќе биде и министер за животна средина, одговорија дека за тоа допрва ќе се одлучува.
Вели дека реконструкција не се прави само за да се реконструира Владата, туку треба да се размисли дали тоа ново кадровско решение ќе биде подобро од сегашното и дали новото решение ќе понуди подобра програма и затоа, тоа е процес што ќе трае. Министерката за образование, за која се спомнува дека ќе биде сменета од функцијата, вели дека ќе ја почитува одлуката, каква и да е.
„Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, рече Јаневска.
Како потенцијални за смена се спомнуваат и министрите од ЗНАМ, но премиерот ги отфрла и шпекулациите дека е незадоволен од одредени министри и дека планира нивна смена.
Далиборка Демјанска Цветановска
