Станарите од околу 80-тина станови во три згради во Тетово алармираат дека општината, одобрила измена на Детален урбанистички план со кој е овозможено да се изгради нов објект, но поради тоа ќе се затвори единствениот пат за стигнување со возило.
До овие згради може да се стигне од улицата Браќа Миладинови, а нема друг пат, односно има други објекти поради кои не може да се стигне до влезовите со возила.
- Пут ни беше ова овде што го гледате од назад. Од овдека ние смо влагале нормално како што треба и било да е амбулантна кола, било да пожарната, дрва, мртовечка кола, како сакате речете можело да пријде до зградата, сега не може тоа да биде заради тоа што овие што ја праат оваа зграда што се копа зад мене, тие сакаа да прилепат до оваа зграда. Да биде лепенка, вели Благоја Мирчевски.
Воедно доколку нова зграда биле изградена до нивната, ќе им ги затвори прозорците на таа страна. Тие велат дека кога била правена измена на деталниот урбанистички план тоа не е направено на транспарентен начин и затоа бараат правда. Станарите се обратиле и до општината, но велат немаат одговор.
- Со стариот план имавмо пат бил трасиран, го имаме планот тој. А новиот најнов што е, лепенка, значи тоа чуек го правел, нели? Ако го пренел човек, човек може да го препрае тоа и да го направи како што било порано, вели Мирчевски.
Општина Тетово не негира дека дека на спорната локација ќе се гради објект и дека ќе се спои со старата зграда. Според нив со усвоениот нов ДУП за УБ 74 е предвидено сите градежните парцели да имаат посебен пристап до сообраќајна улица.
- Површината на градежниот опфат на делот ДУП 74 е помеѓу улица булевар “Видоe Смилевски Бато”, улица “Браќа Миладинови”, улица “Благоја Тоска” и улица “180” каде целиот овој дел од блокот има три пристапни улици од улица “180” и внатре во блокот има предвидено сообраќајни улици, инфраструктура, паркинг места, подземени гаражи со засолниште и зеленило, велат од Општина Тетово.
За можноста за пристапување од друга страна станарите посочуваат дека е несоодветено решение бидејќи е пат за кој треба да поминат низ повеќе други парцели во тој урбан блок.
Александар Самарџиев
