Израел ја уапси поранешната воена обвинителка откако таа призна дека го испратила до медиумите видеото на кое група војници се снимени како измачуваат палестински затвореник.
Генерал-мајорот Јифат Томер-Јерушалми, минатата недела поднесе оставка на својата позиција како главен обвинител на Израелските одбранбени сили, преземајќи ја целосно одговорноста за обелоденувањето на грозоморното видео.
Вчера, случајот ескалираше откако се појавија информации дека таа се води како исчезната, по што полицијата неколку часа пребаруваше плажа северно од Тел Авив, трагајќи по неа.
Откако беше пронајдена, таа беше и приведена, по што судот одлучи да остане во притвор до среда, на барање на полицијата која тврди дека има основано сомнение дека таа ќе ја опструира истрагата за „протекувањето“ на видеото на која израелските резервисти брутално измачуваат палестинец во затворот Сде Тејман.
Прв пат објавено во Август 2024-тата година на еден израелски ТВ канал, на видеото се гледа како израелските војници земаат еден притворен палестинец на страна, го обиколуваат со штитови за да ја спречат видливоста и започнуваат грозоморно да го измачуваат. Палестинецот бил претепан, при што му биле скршени неколку ребра а израелските војници и брутално со остар предмет го убодувале во ректумот.
Дури откако грозморното однесување на израелската армија, која себеси се опишува како најморалната воена сила на планетата, беше јавно објавено, петмина резервисти беа обвинети за измачување и нанесување тешки телесни повреди на притвореното лице. Тие негираат одговорност а нивните адвокати бараат отфрлање на случајот.
Воената обвинителка Томер – Јерушалми, во својата оставка претходно презеде целосна одговорност за објавувањето на видеото. „Наша задача е да истражиме секогаш кога има основано сомнение за насилство против притворени лица“.
Но, за ултра-десничарската влада на Израел, па дури и за поголем дел од јавноста, протекувањето на видеото е вистинското злосторство во овој случај а не грозоморниот чин кој е снимен.
Министерот за одбрана еврејската држава, Израел Катц, уште во петокот кога беше објавено дека Томер-Јерушалми е одговорна за објавувањето на видеото, жестоко ја осуди. „Секој што ќе шири клевети против војниците на Израел не заслужува да ја носи армиската униформа“ – изјави министерот кој се наоѓа на повеќе црни листи на ЕУ и некои европски држави, заради своите екстремистички ставови.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху со сличен став како министерот, изјавувајќи дека инцидентот во Сде Тејман е веројатно „најштетниот скандал за имиџот и јавните односи кои израелската држава го има уште од своето формирање“.
Во текот на израелската офанзива на Газа, третманот на притворените палестинци, особено во озлогласениот затвор Сде Тејман, од групите за заштита на човекови права се опишуваше како измачување и злоупотреба.
Палестинците масовно беа апсени и носени во притвор, каде беа држени со месеци без да бидат обвинети за нешто или пак изведени пред суд.
Бројни сведоштва беа објавени и за честите тепања од чуварите во затворот, нередовна храна и ужасни услови во кои биле држени Палестинците.
Н.И
