Директорка на средно училиште вршела притисок врз вработени во корист на една политичка партија и барала да споделуваат плакати од кандидат на градоначалник на социјалните мрежи. Дополнително, на наставниците кои биле симпатизери на партијата од спротивниот табор им кратела часови и манипулирала со распоред на часови. По ваква пријава одлучуваше ДКСК и одлучи предметот да го достави до обвинителството како надлежно да постапува.
Антикорупциска разгледа уште неколку изборни предмети, а постапките ги запре затоа што не најде незаконитости или пак поради ненадлежност. Меѓу нив и пријава дека кандидат за градоначалник ветувал пари ако биде избран. Антикорупциска утврдила дека тоа е изјава која кандидатот ја дал како дел од неговата програма посветена на ранливи категории на граѓани и пензионери.
ДКСК разгледуваше и предмети по пријави кои не се поврзани со изборите. Еден од нив е по пријава за непотизам и судир на интереси за брат на заменик министер, кој од самостоен советник станал шеф на Царинска испостава. ДКСК утврди дека не се прекршени законите, а заменик министерот немал ингеренции за распоредување на царинските службеници.
Елена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: Т.Д.
