Бројните настапи на турбо фолк ѕвезди и естрадизација на културата се само дел од низата настани кои говорат за еден системски проблем. Вака теоретичарката на уметност Искра Гешоска го коментира настанот со српската музичка ѕвезда Светлана Ражнатовиќ Цеца на концертот во спортската сала „Гемиџии“ во Велес, кога ѝ беше дофрлено знаме на Бугарија кое таа го наметна, за потоа по непријатната ситуација со публиката да го крене и македонското знаме.
Во овој случај проблемот е многу посуштински и подлабок, вели Гешоска и одговорноста треба да се бара во политичките елити и покрај тоа што конкретниот настан може да е поврзан со приватна организација.
„Моделите на однесување доаѓаат од горе, па надоле. Ние може да се бориме од доле кон горе, но вкусовите, ако сакате, јас не верувам во концепт на вкусови, но и тие доаѓаат од горе, па надоле. Значи треба да се запрашаме што е турбо фолк, дали се можеби политичките елити турбо фолк, дали е образовниот систем турбо фолк, повторно инсистирам со чест на малкуте исклучоци. Овој настан е само една мала капка во целокупната општествена, политичка и културна девастација“, изјави Искра Гешоска, теоретичарка на уметноста.
За професорката Стојаноска Иванова, без дилема, станува збор за системски проблем на кој сведочиме во континуитет. Сведоци сме дека младите луѓе се жртва на масовната култура која ниту ги надградува, ниту им посочува критериуми за естетско-уметнички вредности, ниту пак за важноста на културниот идентитет и националните обележја на државата .
„Имавме инциденти каде што се фрлаше нашето знаме, вие ќе видите на натпревари каде што ќе седнете на знамето, не сметајќи дека тоа е нешто со кое што треба да се гордеете како што прават другите нации. Кога се пее химната и се вее знамето, раката се става на срце. Тоа е вистински патриотизам и родољубие. Вие покажувате однос кон сопствената нација и кон сопствената држава. Тоа е првиот системски проблем кој што ние го имаме и на кој што, и тоа како, треба да се поработи. Второ, не ја сфаќам потребата од давање знамиња на естрадни ѕвезди кои што доаѓаат од друга држава, тие си имаат сопствено знаме“, рече проф. д-р Татјана Стојаноска – Иванова, социолог.
Дополнителен проблем е таа морална и културна хипокризија, додава Стојаноска – Иванова.
„Гледајќи како после знамето исвиркување, одиш на уметник кој пее за друга држава, за други градови кои ги велича и потоа вие наеднаш после половина час од тие песни го ставате вашето знаме и ја пеете „Заветна““, додава проф. д-р Татјана Стојаноска – Иванова, социолог.
Дали имаме национална стратегија во негувањето на културните вредности е прашање за кое што вреди да се размислува во континуитет, затоа што за овие нешта на кои сведочиме денес, причините датираат од многу поодамна, вклучувајќи го и воспитно-образовниот процес кај децата во најрана возраст кои денес се млади луѓе и дел од ваквите настани со дискутабилни содржини.
Нина Стефанова
Дигитална обработка: Т.Д.
Извор на фотографија: Социјални мрежи
