Десетгодишно девојче е прегазено на магистралниот пат Охрид – Кичево и со тешки телесни повреди е хоспитализирано во локалната болница. Зад воланот бил 60-годишен маж.
„На 30.10.2025 во 07:15 часот во ОВР Кичево е пријавено дека на магистралниот пат Охрид – Кичево, патничко возило „Опел Астра“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од И.С. (60) од с. Другово, кичевско, удрило во 10-годишна малолетничка од Кичево. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во Медицински центар Кичево“, информира министерството за внатрешни работи (МВР).
За четири дена ова е втор ваков случај. Во вторникот во скопска Гази Баба автомобил удри во 11-годишно девојче, а возачот избега. На скопските клиники на девојчето му биле констатирани тешки телесни повреди. Човекот што го прегази, полицијата го лоцирала два дена по инцидентот.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека е уапсен 59-годишен скопјанец, кој на 28 октомври на улицата „Перо Наков“ со автомобил „Фиат Сеиченто“ удрил во девојчето и избегал. По наредба на јавен обвинител возачот бил задржан во полициска станица. Здравствената состојба кај девојчето во моментот е стабилна и пуштено е на домашно лекување.
Статистиката на МВР покажува дека бројот на загинати во сообраќајни несреќи расте во последните четири години. Изминатата 2024 година имало над 4.500 сообраќајни несреќи со загинати и повредени лица – загинале 142 луѓе, а над 7.000 биле повредени.
Тамара Марковска
