Вести Македонија Најважни

СДСМ нема формална соработка со ниту една партија за вториот круг

Масовен одѕив и поддршка од сите граѓани, но и од кандидатите кои не поминаа во првиот круг, побара претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во последното обраќање до јавноста пред вториот круг на локалните избори во недела. Побара да гласаат за локална власт што ќе биде вистински сервис на општините и за кандидати чија врата секогаш ќе биде отворена за  граѓаните.

„Во општините каде СДСМ нема кандидат во вториот круг, секој член, граѓанин и симпатизер има целосно право да одлучи согласно сопственото убедување според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократската идеја и вредности за чесно владеење, за почит, за еднаквост и за развој“, порача Филипче.

Тврди дека за вториот круг нема формална соработка со ниту една партија, вклучително ниту со Левица за кои деновиве се шпекулираше дека соработуваат.

За објавената фотографија на нивната кандидатка која не помина во првиот круг во Општина Карпош, Маја Мојсова, со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, по што и од партијата веднаш реагираа со соопштение дека ќе побараат објаснување од неа, сега вели дека била резултат на политичко неискуство. Негира дека со ова му даваат поддршка на Сотир Лукровски.

„Не станува збор за никаков договор. Разговарав и со Маја, ќе се видиме во текот на денов, таа напиша и еден пост. Тоа го припишувам на политичко неискуство. Нема никаков договор за поддршка на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош, каде и ние се боревме во првиот круг“, рече Филипче.

Фотографијата предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, по што се обрати и Мојсова, со потсетување на домашното воспитување.

„Од што сме отруени со негативна енергија и препукување, сите забораваат на основните цивилизациски и демократски принципи. Мала е земјата и сите се познаваме и среќаваме насекаде. Не е лошо да се потсетиме на домашно воспитување“, напиша таа на Фејсбук.

Филипче обвини и дека се соочени со притисоци, заплашување и злоупотреба на институциите. Според него, не само кандидатите, туку и членовите на нивните тимови и штабови биле цел на притисоци од страна на полицијата: единицата за брзо распоредување и од УЈП.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Продолжува потрагата по преживеани од земјотресите во Венецуела

Igor Trajkov

Притвореници спијат на душеци на земја, затвор без вода за пиење, бегства во болницата во Демир Хисар поради недостиг на кадар – извештај на НПМ

Sasko Dimovski

Нов закон за органодарителство – одлуката ќе ја носи самиот граѓанин

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе