Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за доживотна суспензија на двајца фудбалери на третолигашот Беса Слупчане. Клубот исто така 10 натпревари нема да смее да игра на свој терен поради инцидентот што се случи изминатиот викенд во Третата лига – Север.
Фудбалерите на Беса Слупчане, Орхан Демири и Ердин Арифи добија доживотна суспензија од Дисциплинскиот комесар на Третата лига и повеќе не смеат да се занимаваат со фудбал. Двајцата се суспендирани поради физички напад и обид за линч на голманот на ФК Аеродром.
Натпреварот одигран изминатиот викенд во рамки на 8.коло во Третата фудбалска лига – Север го добил Аеродром со резултат 2-1 на гостински терен во Слупчане. Веднаш по завршувањето на истиот, голманот на Аеродром бил нападнат од двајцата домашни фудбалери по што заработил тешки повреди и веднаш бил пренесен во болница. Уште двајца играчи на Аеродром биле повредени при инцидентот, но тие минале без потешки последици.
Домашниот терен на Беса Слупчане е суспендиран на 10 натпревари, а клубот ќе мора да плати соодветна парична казна.
Од ФФМ најстрого го осудуваат секој облик на насилство и најавија дека во иднина нема да има милост за сите оните го тепаат, линчуваат и го нарушуваат угледот на фудбалот.
Целото соопштение на Фудбалската федерација на Македонија можете да го прочитате ТУКА.
